Гимназијата го одбележа јубилејот седумдесет години настава на македонски јазик
Вработените и учениците на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес, секогаш, со почит и гордост, ги одбележуваат значајните јубилеи. Тие говорат за исклучително значајното место на оваа образовна институција во просветниот и културниот живот ,не само во Велес, туку и во Македонија.
Како една од најстарите Гимназии, не само во Македонија, туку и на Балканот, Гимназијата во учебната 2017/2018 година ќе прослави сто и шеесет години од своето постоење.Во своето долгогодишно опстојување таа е предводник на прогресивни образовни, национални и културни идеи.
Оваа година вработените и учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ слават значаен јубилеј. Имено, во учебната 2015 / 2016 година одбележуваме седумдесет години од отпочнувањето на настава на мајчин, македонски јазик. Уште по ослободувањето се правеле напори за воспоставување на редовна настава на македонски јазик. Во учебната 1945/ 1946 година се создале потребните услови и наставата на мајчин јазик во велешката Гимназија отпочнува редовно во сите осум класа.
{besps}stories/ucebna2015_2016/70_godini_makedonski_jazik/sliki{/besps}
На тој начин биле остварени стремежите на многу генерации Македонци да учат и да творат на својот мајчин јазик. Денешните ученици на Гимназијата на достоен начин го одбележаа овој значаен настан од историјата на нашето училиште.
Во пригодната програма ученичките Александра Аврамовска, Ана Трајковска и Лина Трајковска цитираа мисли за големината и значењето на мајчиниот јазик од основоположниците на современиот македонски јазик: Крсте Петков Мисирков и Блаже Конески. Ученикот Константин Атанасов рецитираше поезија, а учениците: Кире Ацевски и Иван Милевски исполнија музички композиции инспирирани од љубовта кон нашата татковина и нашиот јазик.
На наше големо задоволство, ова чествување беше збогатено и со гостувањето на писателката Виолета Танчева Златева. Таа е добитник на престижната награда Браќа Миладиновци за 2015 година. Наградата ја доделува Советот на Струшките вечери на поезијата, реномирана меѓународна поетска манифестација, за најдобра збирка поезија објавена меѓу две средби на Струшките вечери на поезијата. Поетесата, која е член на Друштвото на писатели на Република Македонија, ја претстави ученикот Љубчо Јованов, а стихови од наградената стихозбирка „Година без лето“ читаа ученичките: Емилија Мурџева, Зорица Зикова и Сандра Танчева.
На одбележувањето на јубилејот директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, м-р Саше Андреевски, им ги врачи благодарниците на учениците кои за одбележувањето на Денот на училиштето, ја подготвија и ја изведоа театарската претстава „Дома“ од Људмила Разумовскаја.
Програмата ја водеа учениците: Александра Мечкаровска и Кристијан Јорданов.
Одговорни наставници:
Весна Павлова
Соња Карбева