ПЕРФОРМАНС „ТЕ ЉУБАМ“ ВО ЧЕСТ НА ДЕНОТ НА ЉУБОВТА
Во католичкиот календар на 14 февруари се празнува св. Валентин, заштитник на вљубените. Овој празник, кој ја величи љубовта како најблагородно човечко чувство, е прифатен во многу земји на светот и се слави како Ден на вљубените.
Оваа убава традиција ја прифативме и ние и во чест на овој ден, подготвивме перформанс кој го насловивме, „Те љубам“. Оваа година празнувањето беше во знакот на љубовните писма. Направивме избор од љубовната преписка меѓу руските писатели Марина Цветаева и Борис Пастернак, како и на преписката на Цветаева и германскиот писател Рајнер Марија Рилке. Изборот падна и на дописката на рускиот прозаист и драматург Антон Павлович Чехов и неговата сопруга Олга Книпер. Направивме избор од преписката меѓу големиот француски реалист Оноре де Балзак и неговата долгогодишна љубов, грофицата Евелина Ханска. Ѕирнавме и во интимниот свет на францускиот војсководец и владетел Наполеон Бонапарта и неговата жена Жозефина Боарне и германскиот романтичар Јохан Волфганг Гете и неговата сакана Шарлота фон Штајн.
Љубовната преписка на великаните ја читаа учениците: Бојана Штерјовска, Теа Спировска, Виола Стојанова, Цветанка Чичевалиева, Борис Ристов, Даниел Караманов, Виктор Гаџов, Филип Филипов и Виктор Мирчевски.
Дружењето со писмата посветени на љубовта го облагородивме со музика. Убавите романтични ноти на својата гитара ги исполни нашата ученичка Клементина Ѓорѓиева, под менторство на професор Атанас Зафиров. Идејата, изборот на преписки и реализацијата на перформансот „Те љубам“ се одвиваа под раководство на професорките по македонски јазик и литература: Весна Павлова, Цветанка Карамаркова и Соња Карбева, а во соработка со ученичката Бојана Василковска. Програмата ја водеше ученичката Деспина Миланова.
Ни претставуваше особена чест и задоволство што на овој настан присуствуваа нашите драги гости, учениците од деветто одделение и нивните наставници по македонски јазик. Кон присутната публика се обрати директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, господин Гоце Алексоски. Тој посебно им се заблагодари на нашите гости што нè почестија со своето присуство, со надеж дека во иднина тие ќе бидат наши ученици.