Во рамки на Денови на медиумската писменост, денес, во Собранието на
Република Северна Македонија, ученици од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“–
Велес, учествуваа на дебата на тема: „Што гледаш, кому веруваш? – Младите,
информациите и дезинформациските кампањи“.
На настанот беа поканети, средношколци, од седум гимназии од државава.
Гимназијалците имаа можност да ги споделат своите искуства, ставови и
размислувања за начинот на кој се информираат, изворите на кои им веруваат
и предизвиците со кои се соочуваат во современата дигитална средина.
На дебатата од нашето училиште, присуствуваа учениците: Лилјана Андовска,
Теона Гаштарска, Теодора Панова, Лана Басаров, Лука Андреев, Љубе Лазов,
Михаил Здравковски, Нена Андова, Теа Гајдова и Теодора Циунова, под
менторство на проф. Магдалена Сарагинова.
Преку непосредна дискусија со пратениците, учениците отворија значајни
прашања, поврзани со влијанието на социјалните мрежи, алгоритмите,
инфлуенсерите и содржините создадени со помош на вештачката
интелигенција. Посебен акцент беше ставен на потребата од развивање на
критичкото мислење, препознавањето и проверката на точноста на
информациите, како и унапредувањето на медиумската писменост во
образовниот процес.
Во рамки на дебатата, свое обраќање имаа претседателот на Собранието,
Африм Гаши, амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна
Македонија, Н.Е. Маја Сивањанам, и пратеничката Драгана Бојковска,
претседателка на Клубот за младински прашања и политики. Тие ја истакнаа
важноста на медиумската писменост и самостојното расудување, нагласувајќи
дека младите треба да бидат оспособени, критички да ги проценуваат
информациите и одговорно да донесуваат одлуки.
Настанот беше организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС) и
Собранието на Република Северна Македонија, преку Парламентарниот
институт и Клубот за младински прашања и политики, во рамки на проектот
„КОМПАС“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на
Британската амбасада во Скопје.
Учеството на нашите ученици претставуваше можност за стекнување
нови знаења и искуства, размена на мислења и непосредно запознавање со
значењето на младинското учество во општествените и демократските
процеси. Ваквите активности ја потврдуваат важноста на образованието што ги
поттикнува младите самостојно да размислуваат, аргументирано да ги
изразуваат своите ставови и активно да придонесуваат кон создавање
поинформирано и посвесно општество.


