Гимназијалците, дел од дебатата „Што гледаш, кому веруваш?“ во Собранието на Република Северна Македонија

Facebook
Telegram
WhatsApp
Email

Во рамки на Денови на медиумската писменост, денес, во Собранието на
Република Северна Македонија, ученици од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“–
Велес, учествуваа на дебата на тема: „Што гледаш, кому веруваш? – Младите,
информациите и дезинформациските кампањи“.
На настанот беа поканети, средношколци, од седум гимназии од државава.
Гимназијалците имаа можност да ги споделат своите искуства, ставови и
размислувања за начинот на кој се информираат, изворите на кои им веруваат
и предизвиците со кои се соочуваат во современата дигитална средина.
На дебатата од нашето училиште, присуствуваа учениците: Лилјана Андовска,
Теона Гаштарска, Теодора Панова, Лана Басаров, Лука Андреев, Љубе Лазов,
Михаил Здравковски, Нена Андова, Теа Гајдова и Теодора Циунова, под
менторство на проф. Магдалена Сарагинова.
Преку непосредна дискусија со пратениците, учениците отворија значајни
прашања, поврзани со влијанието на социјалните мрежи, алгоритмите,
инфлуенсерите и содржините создадени со помош на вештачката
интелигенција. Посебен акцент беше ставен на потребата од развивање на
критичкото мислење, препознавањето и проверката на точноста на
информациите, како и унапредувањето на медиумската писменост во
образовниот процес.
Во рамки на дебатата, свое обраќање имаа претседателот на Собранието,
Африм Гаши, амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна
Македонија, Н.Е. Маја Сивањанам, и пратеничката Драгана Бојковска,
претседателка на Клубот за младински прашања и политики. Тие ја истакнаа
важноста на медиумската писменост и самостојното расудување, нагласувајќи
дека младите треба да бидат оспособени, критички да ги проценуваат
информациите и одговорно да донесуваат одлуки.
Настанот беше организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС) и
Собранието на Република Северна Македонија, преку Парламентарниот
институт и Клубот за младински прашања и политики, во рамки на проектот
„КОМПАС“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на
Британската амбасада во Скопје.
Учеството на нашите ученици претставуваше можност за стекнување
нови знаења и искуства, размена на мислења и непосредно запознавање со
значењето на младинското учество во општествените и демократските
процеси. Ваквите активности ја потврдуваат важноста на образованието што ги
поттикнува младите самостојно да размислуваат, аргументирано да ги
изразуваат своите ставови и активно да придонесуваат кон создавање
поинформирано и посвесно општество.

Оставете коментар :

Мисија и Визија

Атрактивно, отворено, престижно училиште, предводник на современите образовни процеси, училиште кое на креативен начин ги поврзува стремежите на младите со науката, културата и спортот

Слични објави

Следете не:

Otvoren_den