ЕКСКУРЗИЈА НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ТРЕТА ГОДИНА
Секоја година од нашето гимназиско образование носи убави спомени и сеќавања, кои засекогаш ќе останат дел од едно поглавје во нашите срца. Трета година е време кое ние учениците нетрпеливо го чекаме со голема возбуда за нешто ново, а тоа е нашата ученичка екскурзијата . Па така и оваа година ние гимназијалците заслужено заминавме на прекрасно патување во најпосетуваните центри во Европа, Будимпешта-Виена-Венеција.
Возбудени поради забавата која ни претстои, екскурзијата ја започнавме со поаѓање во 17:00 часот од нашиот град. Патувајќи кон нашата прва дестинација, автобусите ги исполнивме со радост и смеа, а за тоа сведочеа и ненаспаните лица од бурната ноќ. Во утринските часови пристигнавме во Будимпешта. Најпрво го разгледавме центарот на градот, а потоа се упативме кон Плоштадот на хероите и Парламентот, каде бевме запознати со историјата на унгарската нација. Следно за освојување беше Кралската палата, Рибарската тврдина и Цитаделата кои не почестија со прекрасен поглед. Попладнето бевме сместени во хотел и имавме слободно време за одмор. По вечерата се упативме на ноќно крстарење по реката Дунав, која ни ги покажа сите убавини на своите брегови, осветлени со милион светилки. Изморени од крстарењето се вративме во хотелот каде одморивме и се спремавме за новите авантури. После појадокот се упативме за Виена. По пристигнувањето се насочивме на разглед на градот. Го поседивме Плоштадот Рингштрасе, најпознатата виенска Опера, Парламентот, Музејот на модерната уметност и Градската Палата. Воодушевени од убавините на прекрасната Виена, заминавме кон дворците Белведере, Шенбурн и Ховбург, како и Катедралата Св.Стефан.
{besps}stories/ucebna2016_2017/ekskurzija_treta_god/sliki{/besps}
Ноќните часови ги почестивме со посета на забавниот парк Пратер, каде сите го покажавме нашиот детски дух и ненаситната желба да ги пробаме сите екстремни работи кои ни се нудеа. На полноќ, растажени поради заминувањето од Виена, се упативме кон романтичната Италија. Во утринските часови пристигнавме во шопинг -центарот Палма Нова, каде својот труд го почестивме со неколку парчиња облека. На пладне се упативме кон Лидо Ди Јесоло, каде што не чекаше топло добредојде во хотелот, како и превкусна традиционална вечера. Имавме неколку часа за да го разгледаме нашето ново место, а во вечерните часови имавме организирана забава во локална дискотека. По бурната ноќ и забавата која помина во најдобар ред, следеше магичната Венеција. По појадокот се упативме кон пристаништето Пунта Сабионе каде со брод пловевме кон Венеција. По пристигнувањето имавме разглед на градот и Плоштадот, посета на црквата Св.Марко, Дуждевата палата, Мостот на воздишките, Кулата, Мостот Риалто и Каналот Гранде. Потоа имавме слободно време за индивидуални прошетки низ Венеција и дигустација на традиционалното мени. Вечерта ја збогативме со забава во дискотека и меѓусебно здружување. Следното утро, изморени и ненаспани, но се желба за нови посети, се упативме кон Верона. Таму имавме време да го разгледаме градот, Арената, Плоштадот Ербе Данте и Бра, а потоа и куќата на Јулија каде ни беше раскажана кратката историја за која сведочат ѕидовите. Потоа следеше слободно време за индивидуални прошетки. По неколку часа воодушевување и радост дојде време за нашето враќање дома. Послушноста и разбраноста на учениците за која сите раскажуваат беше наградена со нова дестинација. Туристичката агенција ги награди учениците со пауза од неколку часа во најпознатиот Белградски шопинг- центар Ушче. Тука учениците ги комплетираа своите подароци кои ќе останат спомен за една преубава помината недела.
На нашите лица се познаваа траги и искри на радост од местата кои ги посетивме, но и тага за тоа што оваа недела помина толку брзо. Сепак броените денови брзо минуваат, а нашите фотографии ќе бидат сведок за овој период, период кој никој од нас нема да го заборави.