ЕКСКУРЗИЈАТА НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ВТОРА ГОДИНА
Една половина од нашето гимназиско образование е веќе зад нас. Oва поминато време со низа прекрасни моменти ќе остане засекогаш во нашите спомени. Традиционално, како и сите ученици во втора година, и ние нашата екскурзија ја реализиравме во еден од најпосетуваните туристички центри на ова подрачје, Европскиот Ерусалим, градот Охрид.
Возбудени поради патешествието кое ни претстои, ја започнавме екскурзијата со поаѓање во 8:00 часот од нашиот град. Првото воодушевување беше Мавровското езеро, чии убавини беа причина за уште поголема возбуда кај сите нас. Продолживме со посета на манастирите Свети Јован Бигорски и женскиот манастир, Свети Ѓорѓи Победоносец – Рајчица, каде што ги видовме убавините од овие предели и се стекнавме со знаење за нивното историско минато. Следната дестинација беше Вевчани или уште позната како „држава“ со посебни белези. Тука направивме пауза за ручек и ги посетивме Вевчанските извори.
Минејќи низ градот Струга ја видовме реката Црн Дрим која се влива во Охридското Езеро. Веќе изморени пристигнавме во Охрид. Се сместивме во хотелот „Филип“ со прекрасна местоположба на самиот брег на Охридското Езеро. По вечерата се одморивме и се подготвивме за вечерната забава во дискотеката „Хемингвеј“ . Во доцните часови се вративме во хотелот, каде што го продолживме дружењето.
Врнежливо утро, поспана атмосфера го означи почетокот на вториот ден. По појадокот, се упативме кон црквата Св.Наум, а останатиот дел од денот го поминавме во Охрид. Заедно со водичот, ги разгледавме убавините на градот Охрид, а секако неизбежна беше и прошетката низ Старата охридска чаршија и кејот на Охридското Езеро.Ги посетивме најзначајните места во Охрид: античкиот театар изграден од Александра Македонски, црквата Св.Климент и Пантелејмон и Св.Јован Богослов Канео. Учениците се запознаа со месноста Плаошник и значењето на Климентовата црква. Од страна на водичот беа запознати и со историјата на црквата Св.Јован Канео, една од најпознатите цркви во Охрид на карпестиот рид над плажата Канео.
Се ближеше крајот на оваа екскурзија, бидејќи се што е убаво кратко трае. Направивме неколку паузи при патувањето и во вечерните часови пристигнавме во Велес. Бевме среќни и задоволни, исполнети со убави спомени за долго сеќавање