Годишна ликовна изложба на учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес
Крајот на учебната година е време кога се сумираат резултатите постигнати во изминатиот период. Учениците од нашата гимназија, кои својот креативен потенцијал го насочуваат кон ликовната уметност, решија тоа да го направат преку Годишна ликовна изложба. Учениците работеа под менторство на професорот по ликовна уметност Крсте Шупев Тој е идеен творец на ова дружење со уметноста и поезијата кое беше успешно реализирано со помош на плодната и креативна соработка со младите уметници од нашата Гимназија.
{besps}stories/ucebna2017_2018/izlozba_2018/sliki{/besps}
Изложбата ја отвори д-р Анита Василкова Мидоска, директорка на Народниот музеј – Велес.Таа ја искажа својата воодушевеност од уметничката зрелост на изложените творби и богатството на теми и мотиви застапени во нив.
Просториите на Ликовниот салон, со својот прекрасен амбиент, беа пригодно место да се изложат 160 дела на младите, креативни и талентирани ликовни творци ,ученици од прва до трета година.Изложените дела, изработени во повеќе ликовни техники: акварел,темпера,сува игла, графика, комбинирана техника, ги воодушевија сите посетители на изложбата.Од секој цртеж зрачеше прекрасна енергија која го изразуваше креативниот потенцијал на неговиот автор.Темите и мотивите се сосем очекувани, кога знаеме дека цртежите се создавани од млади творци.Најдоминантна е темата за љубовта,но и љубопитноста на младите автори за најзначајните прашања кои си ги поставува човекот:феноменот на животот и смртта ,убавината на жената,величественоста на природата, микрокосмосот и макрокосмосот на човековата психа, погледот кон бескрајноста на вселената, погледот кон таинствените перспективи на просторот и тајната на времето кое е сеприсутно ,а нематеријално.
Целокупниот настан беше збогатен со уметнички перформанс. Нашите ученици:Петар Андреев,Дино Јанакиев, Бојана Василковска, Кире Ацевски, Петар Миновски и Талија Ѓорѓиева со префинет уметнички осет ја преточија убавината на стиховите на сцена. Тие рецитираа стихови создадени од големиот македонски лиричар,принцот на метафората, Радован Павловски.Целокупниот впечаток беше уметнички надополнет со специјални визуелни ефекти,видео анимација и убава музика. Рецитаторите на пијано ги придружуваше нашиот ученик Љупче Зафиров.
Се надеваме дека организирањето на Годишната ликовна изложба ќе прерасне во традиционален настан и ќе им овозможи на младите уметници да се претстават пред љубителите на уметноста.
Одговорeн професор: Крсте Шупев