МЕДИУМСКИ ДЕН – МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ

naslovna
Facebook
Telegram
WhatsApp
Email

МЕДИУМСКИ ДЕН – МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ

Секојдневната атмосфера во новинарските редакции на медиумите имаа можност да ја почувствуваат над 130 ученици, од 13 средни училишта, од 10 града во Македонија. Тие заедно со нивните професори беа дел од Медиумскиот ден кој го организира Високата школа за новинарство и односи со јавноста, во рамките на проектот „Коалиција за медиумска писменост“, што го реализира во партнерство со дневниот весник „Нова Македонија“ и со Институтот за различности во медиумите од Лондон.

{besps}stories/ucebna2018_2019/mediumski_den/sliki{/besps}

 

Средношколците од Велес, Кратово, Скопје, Дебар, Свети Николе, Куманово, Кавадарци, Битола, Богданци и Валандово, посетија повеќе печатени и електронски медиуми во земјава, како: МРТ, Нова Македонија, ТВ 21, Радио МОФ и Макфакс, ТВ Вис од Струмица и ТВ Тера од Битола.

Единаесетте ученици од нашето училиште: Александар Ристовски, Панче Пренџов, Тамара Велкова, Елена Ристовска, Марија Мирчевска, Дина Мирова, Александра Здравевска, Сара Атанасовска, Матеа Несторова, Меланија Стојанова и Марко Ингилизов, заедно со професорката, Магдалена Сарагинова, ги посетија трите медиумски куќи: МРТВ, Макфакс и Радио МОФ.

Идејата за организирање на овој настан е младата публика да се запознае со улогата и функцијата на медиумите во едно општество.

Медиумскиот ден ни започна со посета на МРТВ. Новинари, камермани и главниот уредник Мартин, како најголеми домаќини, не’ пречекаа пред влезот на МРТВ. Чувството не можеше да се опише, тоа можеше само да се доживее. Главниот уредник Мартин, со помош на новинарите и камерманите, успеаја преку примери да ни покажат како работи една редакција, како изгледа работен ден на еден новинар, како изгледа техничката опрема, собите за монтирање на прилозите и студијата од каде се емитуваат вестите и емисиите. Имавме можност да ја следиме училишната емисија „Sвон“, која во тој момент се емитуваше во живо. Нашите храбри ученици за момент ги заменија презентерите, новинарите, камерманите, тонските мајстори. Марија и Панче читаа текстови во „глувата соба“. Тамара и Елена, имаа можност да презентираат вести, читајќи го текстот од т.н. „идиот“. Александар, Марко и Панче со помош на камерманите пробаа да ги снимаат нашите презентерки на вести. Елена, неколку пати проба да ги замени новинарите, правејќи им интервју на своите соученици, а Александра го замени тонскиот мајстор. Сите среќни и задоволни, со насмевки на нашите лица ја напуштивме МРТВ, со надеж дека оставивме убав впечаток и дека до година повторно ќе бидеме поканети како нивни гости.

Во вториот медиум, Новинската агенција Макфакс, нè пречека главниот уредник Васко, кој на самиот почеток нè запозна со целите и задачите на оваа Новинска агенција. Потоа на сите присутни ни поделија вежба во која требаше да се откријат сите грешки: правописни, интерпункциски и содржински, за да се открие дали веста е лажна или вистинска. Нашите ученици беа многу активни, покажаа голема мудрост, а секако и знаења од областа на македонскиот јазик. По успешно завршената вежба, се упативме кон „глувата соба“ и кон новинарскиот тим на агенцијата, кои со задоволство даваа одговари на сите наши прашања, поврзани со нивната секојдневна работа.

Заинтересираноста на учениците за време на посетите не беше ништо помала, ниту во Радио МОФ. Љубезните новинарки, детално ни го опишаа нивниот работен ден, нè запознаа за темите на кои тие најчесто пишуваат, кои се нивните целни групи и секако нè предупредија да внимаваме на лажните вести, кои денес сè повеќе ги има. Упатија апел до учениците, ако имаат некакви проблеми што младите ги мачат и тиштат, слободно да ги исконтактираат за заеднички да делуваат на решавање на проблемите. Во „глувата соба“ на Радио МОФ, љубопитните ученички, Матеа и Меланија, седнаа зад микрофоните и направија прекрасна радио-емисија, која потоа имавме можност да ја слушнеме во снимена верзија.

По посетата во редакциите, учениците, учествуваа и на интерактивното предавање од главната уредничка на „Медиум“, Александра Теменугова, во хотелот „Холидеј Ин“.

Медиумскиот ден, оваа година се одржа по четврти пат, а нашето училиште оваа година вторпат зема учество. Се надеваме дека организаторите ќе успеат во своите намери, овој ден да прерасне во традиција.

Одговорен професор, Магдалена Сарагинова

 

Оставете коментар :

Мисија и Визија

Атрактивно, отворено, престижно училиште, предводник на современите образовни процеси, училиште кое на креативен начин ги поврзува стремежите на младите со науката, културата и спортот

Слични објави

Следете не:

Otvoren_den