Новинарска статија – Кире Ацевски

naslovna
Facebook
Telegram
WhatsApp
Email

Учество на конкурс

Програмата „Млади репортери за животната средина“ е интернационална програма во сопственост на Фондацијата за еколошка едукација која се спроведува како составен дел од Програмата „ Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“. Распишан е еко-конкурс на кој може да учествуваат ученици од сите државни и приватни средни училишта од нашата земја. Оваа година фокусот е ставен на три главни теми за истражување: Мојот зелен град, Национален и локален биодиверзитет и Одржлив транспорт.

На овој конкурс учество зема и ученикот Кире Ацевски од 1-3 клас, под менторство на Весна Павлова, професор по македонски јазик и литература. Ученикот одлучи да пишува и истражува на темата „Мојот зелен град“.

Започна да истражува за најгорчливиот проблем што ги измачуваше Велешани со години, а тоа е загадувањето на животната средина. Собираше информации, факти и податоци за еколошката состојба во неговиот град. Истражуваше од различни извори на оваа тема, а исто така се консултираше и со експерти кои посветено и неуморно животот го посветуваат на борбата против долгогодишното загадување на Велес од Топилницата.

Собраните информациите ги сублимираше како една целина и на тој начин ја напиша новинарската статија со наслов „Загадувањето во Велес некогаш и сега“.

Му посакуваме многу успех и висок пласман на конкурсот, а во продолжение можете да ја прочитате неговата новинарска статија.

Проблемот со загаденоста во Велес

Уште во седумдесеттите години, кога Металуршко-хемискиот комбинат за олово и цинк – Топилница „Злетово“ се уште бил во изградба, стручњаците од Германија предвидувале: „Топилница“ ќе биде „гут“, ама Велес ќе биде „капут“. За жал тоа се остварувало, а последиците од неа ги чувствуваа 70.000 Велешани. Самата помисла дека комбинатот е изграден во градот, застрашува дека тоа ќе претставува огромен проблем за животната средина. Таложење на олово во коските и крвта, проблеми со централниот нервен систем, оштетување на бубрезите, ова се само некои од последиците од тешкото триесетгодишно труење на жителите на Велес од тешките метали.

Металуршко-хемискиот комбинат за олово и цинк – Топилница „Злетово“, превземено од grid.mkМеталуршко-хемискиот комбинат за олово и цинк – Топилница „Злетово“, превземено од grid.mk

Проблемот со загаденоста (делумно) се решава во 2006 година, кога Топилницата се затвора. Но, иако затворена, таа и понатаму продолжува да влијае на загадувањето на градот. Емисиите на олово, кадмиум и цинк во Велес во тој период биле сто пати повисоки од дозволениот максимум. Вардар бил користен како своја депонија за отпадните води, додека реката се користи за наводнување во земјоделството. Овие ефекти се навистина застрашувачки!

Превземено од emagazin.mkПревземено од emagazin.mk

Околу проблемот со загаденоста, неговото влијание и начинот за решавање, разговаравме со Д-р Ненад Коциќ, интернист и претседател на Еколошкото Друштво „Вила Зора“.

Каква е состојбата во однос на загаденоста сега и во минатото? На што се должи тоа?

  • На некој начин состојбата е подобрена. Уште во минатото ние во очите на странците сме биле најпрепознатлив град токму по Топилницата (за жал). Сега, кога Топилницата е затворена, тоа е делумно надминато, но се уште се чувствуваат некои ефекти кои што Топилницата ги оставила.

Како влијае загаденоста на здравјето на луѓето и целата животна средина?

  • Топилницата предизвикуваше огромен број акутни и хронични заболувања. Зголемен број на спонтани абортуси, многу повеќе олово во крвта на луѓето, таложење на оловото во коските и во крвта, промени на централниот нервен систем и намалена интелигенција кај луѓето, големи оштетувања на бубрезите, рак на белите дробови… Тоа се огромни последици кои што оставија тешки траги во животите на луѓето. Исто така, Топилницата многу влијаеше и на целата животна средина преку отровните гасови кои што ги испушташе, растенијата засадени во нејзина близина беа тотално спржувани од огромното загадување од тешките метали и гасови, водата беше премногу загадена заради исфрлањето на отпадните води во Вардар.

Како да се подигне свеста на луѓето за зачувување на животната средина?

  • Најдобро свеста може да се подигне преку младите. Преку многу акции кои што ги организираат младите. Бидејќи, не помагаме на животната средина само преку една акција за рециклирање или една акција за пошумување. На животната средина помагаме и ја заштитуваме со тоа што ќе се организираат многу акции преку кои ќе се подобри свеста на луѓето и ќе се штити средината.

Превземено од grid.mkПревземено од grid.mk

Згурата од Топилницата е една од најголемите проблеми на жителите на Велес, особено за оние кои се занимаваат со земјоделство. Иако со години Топилницата е затворена и сите обиди за рестартирање се пропаднати, таа се уште е огромна закана за здравјето на населението од градот и околината. Во февруари 2016 година е доделена концесија за отстранување на згурата од Топилница. Компанијата Екоцентар 97 беше избрана на повикот што го распиша Министерството за економија. Од компанијата има информации дека овој проблем со згурата, која претставува трета еколошка црна точка во Македонија, планираат да го решат за две-три години.

Ученик:Кире Ацевски 1-3 клас

СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес

Ментор: Весна Павлова, професор по македонски јазик и литература

Оставете коментар :

Мисија и Визија

Атрактивно, отворено, престижно училиште, предводник на современите образовни процеси, училиште кое на креативен начин ги поврзува стремежите на младите со науката, културата и спортот

Слични објави

Следете не:

Otvoren_den