ОТВОРЕН ДЕН НА ГИМНАЗИЈАТА
Отворениот ден на училиштето беше можност учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“ да ја покажат својата креативност и способност во различни области пред потенцијалните гимназијалци.
На 9 мај 2019 година, бевме срдечни домаќини на големиот број посетители што дојдоа во нашето училиште. Учениците од прва до четврта година го покажаа својот талент од областа на: музиката, спортот, ликовно-творечката уметност, литературата, странските јазици, природните и општествените науки.
Со настапот на училишниот хор, кој ја интерпретираше химната на Гимназијата – „Копачите“, компонирана според песната на нашиот патрон Рацин, започна Отворениот ден на нашето училиште. Традиционално, повеќе години наназад, ги каниме деветтооодделенците кои го завршуваат своето основно образование, да бидат наши драги гости. Отворениот ден е можност непосредно да се запознаат со воспитно-образовниот процес и можностите и перспективите што им ги нуди гимназиското образование.
{besps}stories/ucebna2018_2019/otvoren_den/sliki{/besps}
Присутните гости ги поздрави директорот на Гимназијата, господин Гоце Алексоски, кој ги покани новите генерации да станат дел од Гимназијата која ќе ги одведе кон подобро утре. Пред сите посетители и слушатели ја истакна работата на наставниците и учениците во сите наставни области и учеството во повеќе проекти надвор од нашата земја, преку кои голем број ученици, заедно со нивните професори, посетија повеќе обуки.
Целиот настан беше одбележан со настапот на нашиот вокално- инструментален состав. Тие се погрижија на гостите да им овозможат пријатно расположение. Настапија учениците: Кире Ацевски, Андреј Ковиловски, Љупче Зафиров, Марко Трајковски, Андреј Трајков, Виктор Тодоровски и Викторија Хаџиева, со солистичка изведба на композициите од ученичките: Мери Спирова и Катерина Николова.
На Отворениот ден на Гимназијата присуствуваа и претставници од повеќе државни и приватни факултети од Републикава. На тој начин ја постигнавме и втората наша цел: да го олесниме патот до изборот на понатамошното образование на годинашнава генерација матуранти. Тие имаа можност директно да комуницираат со претставниците од голем број факултети во нашата земја кои беа наши гости и на учениците матуранти им нудеа информации потребни за нивното студиско образование.
Целокупниот настан беше емитуван во живо на програмата на локалното 5 ФМ-радио. Програмата имаше интерактивен карактер при што беше воспоставен директен контакт во живо со наши ученици кои ја истакнаа важноста и можноста на гимназиското образование за проодност кон сите факултети, гледајќи се како идни судии, актери, лекари, спортисти…