ПРВА ЕТАПА ОД ПРОЕКТОТ „ЧИТАЈ И МЕЃУ РЕДОВИ“
Во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, започна реализацијата на проектот: „Читај и меѓу редови“ на тема: „Медиумска писменост и градење на критички став“. Четириесет и седум ученици од прва до четврта година, во организација на професорката по македонски јазик и литература, Магдалена Сарагинова, се запознаа со целите и активностите на проектот. Целта на проектот е зголемување на свеста на младите во Вардарскиот Регион, за критичко размислување, преку мотивација за креирање на сопствен став и одговорно изјаснување во јавноста со користење на аргументи и компетентност.
{besps}stories/ucebna2018_2019/citaj_megju/sliki{/besps}
Имплементатор на проектот е Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес. Тимот на фондацијата „Фокус“, новинарките: Убавка Јаневска и Даниела Саздова, како и директорот на нашето училиште, Гоце Алексоски, им се обратија на присутните. Новинарките извршија промоција на проектот пред учениците и поканетите професори во чии наставни предмети се вклучени содржини од медиумската писменост. Тоа се предметите: македонски јазик и литература, филозофија, етика и информатичка технологија.
Првиот форум го водеше новинарот Саше Димовски. Учениците со внимание ги слушаа примерите што Димовски им ги презентираше, посочувајќи им како да препознаат дезинформација (лажна вест), како се пишува вистинска новинарска вест и кои извори да ги користат. На средношколскиот форум, учениците покажаа неверојатен интерес за медиуската писменост и критичкото размислување. Мудро и паметно одговараа на сите поставени прашања на новинарот Димовски, а на практичните вежби го покажаа своето стекнато искуство.
Активностите со учениците од прва до четврта година ќе продолжат и во наредниот период кога ќе бидат одржани уште три работилници и еден форум.
Одговорeн професор, Магдалена Сарагинова