РЕАЛИЗИРАНИ АКТИВНОСТИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ „МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА НА МЛАДИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО“
Проектот „Меѓуетничка интеграција на младите во образованието“ продолживме да го реализираме и оваа учебна година. Активностите ги започнавме на 21 мај со посета на родната куќа на нашиот патрон, Коста Солев Рацин.
Учениците вклучени во овој проект имаа можност да се запознаат со најважните податоци за животот и творештвото на Кочо Рацин. Да ги прошират своите знаења за него како: основоположник на македонската современа литература, македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по стихозбираката „Бели мугри“, која претставува една од најзначајните поетски дела во македонската современа литература.
Преку кратко излагање на македонски и на албански јазик, кое го прочитаа учениците Симона Мицева и Вулнет Латифов, во спомен-куќата на Рацин, учениците се запознаа со творештвото на овој автор.
{besps}stories/ucebna2018_2019/mio/sliki{/besps}
Програмата продолжи со читање на стихови од песната „Денови“ на мајчин македонски и албански јазик. Песната ја рецитираа: Сара Андреева и Шенарта Незири.
Како звучат песните „Ленка“ и „Денови“ на француски јазик слушнавме од учениците Михаил Павлов и Талија Ѓорѓиева.
На германски јазик песната „Денови“ ја интерпретираа ученичките: Елена Ристовска и Тамара Велкова.
И на сродниот руски јазик преведена е песната „Денови“, која ја рецитираат ученичките Ленче Ѓорѓиова и Викторија Јорданова.
Запознавањето со животот и творештвото на Коста Солев Рацин се заокружи со power point презентација во училишната библиотека, подготвена од страна на учениците од втора година: Александра Здравевска и Вулнет Латифов.
Ученикот Зоран Нацев подготви видео материјал од посетата на родната куќа на Рацин. Ученичката Емина Атемовска изработи хамери на кои ја претстави родната куќа на Рацин и илустрирани стихови од Рациновата балада „Ленка“.
Преку овие активности учениците ја покажаа желбата за меѓусебна соработка и можноста да ги споделат меѓусебните знаења. Се дружеа и разменија размислувања и впечатоци за реализираниот проект.
Стручен актив по мајчин јазик, странски јазици и класични јазици