Како и секоја година, така и оваа, традиционално го чествуваме Рацин и
неговата поезија. Оваа, 2025 година, одбележуваме 86 години од излегувањето од
печат на неговата збирка социјална поезија „Бели мугри“ во малото место Самобор, во
близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер. Во соработка со општина
Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“, настанот се реализира во медијатеката
на Локалната библиотека пред многубројната публика од нашиот град.
Настанот започна со прикажување на видеозапис за животот и делото на Кочо
Рацин под наслов „Бесмртниот“, подготвен од страна на Локалната библиотека.За
значењето на Рациновата стихозбирка „Бели мугри“, на тема „Белите мугри низ
историјата“ говореше проф.д-р Виолета Ачкоска.
Рацин секогаш имал достојни наследници меѓу учениците во Гимназијата која
со гордост го носи неговото име. Нашите млади рецитатори, вљубеници во поезијата,
ни ги пренесоа Рациновите стихови. Песната „Денови“ ја рецитираше ученичката
Тамара Димова. За маките на „Тутуноберачите“ рецитираше Ева Јаковлевска, а за
љубовта за живот човечна преточена во песната „Печал“, ученикот Ангел Димов.
Преку музичкиот настап на учениците: Изабела Жабева, Ива Ракиџиева, Кристина
Станишева, Лили Божиновска, Љубе Лазов и Димитар Илиев, ги слушнавме песните
„Копачите“ и „Ленка“ во кои е прикажан мачниот труд на копачите и тажната,
баладична судбина на Ленка.
Во улога на наратори настапија учениците:Вања Крстовска, Стефанија Станковска,
Љубе Лазов и Елена Наковска. Програмата ја водеа учениците: Стефанија Станковска
и Марко Коруновски.
Реализирањето на оваа активност беше координирана од професорките по Македонски
јазик и литература: Цветанка Карамаркова и Весна Павлова и професорот по Музичка
уметност, Атанас Зафиров.







