На 26 мај 2025 година, во нашето училиште се одржа креативна и инспиративна мултикултурна работилница, на која учесниците имаа можност да се поврзат преку игри, соработка и креативен израз, во духот на културната разноликост и меѓусебното почитување.
Работилницата започна со играта „Јазичен маратон“, каде што учесниците имаа задача да ги пронајдат, разберат и употребат зборови и изрази од различни јазици. Преку оваа активност, Гимнаијалците учеа нови јазици, се забавуваа и ја развиваа својата свест за културните разлики и сличности.
Потоа следуваше креативната активност „Пејзаж“, каде што учесниците беа поделени во две групи. Секоја група имаше задача да изработи визуелен приказ – пејзаж – што ќе ги претставува културните вредности, симболи и природни убавини од различни земји и традиции. Изработките на учениците беа уникатни, полни со боја, симболика и заедничка енергија. Секоја група ги презентираше своите креации.
Работилницата помина во позитивна и пријателска атмосфера, каде што различностите беа извор на зближување и меѓусебно учење. Учесниците заминаа со нови знаења, пријателства и чувство на почит кон културната разноликост.