„newWERD New way of educational research and development“– Нов проект на Гимназијата Кочо Рацин, одобрен во клучната акција Стратешки партнерства за размена на добри практики
Во согласност со приоритетите поставени од Европската комисија и потребите на наставниците за нови пристапи во изучувањето на математика и природни науки, новиот проект newWerd (New way of educational research and development) беше одобрен во програмата Еразмус+ во клучната акција 2 – Стратешки партнерства за размена на добри практики од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Стратешкото партнерство е помеѓу четири училишта, Гимназијата Кочо Рацин –Велес како организација апликант и три партнерски училишта од Романија, Италија и Португалија. Проектот ќе се реализира во период од две години, започнувајки од 1 септември 2017 година, а главната цел е кај учениците да ги развие таканаречените “STEM вештини“ (наука, технологија, инженерство и математика).
За професиите од иднината се потребни знаења и вештини како што се дигитални вештини, критичко размислување, соработка, тимски дух, иновативно и аналитичко размислување. Индивидуалните компетенции во предметите STEM (наука, технологија, инженерство и математика) стануваат се поважни за професиите на иднината, кои се засноваат на висока технологија. Затоа во образованието се потребни иновативни пристапи.
STEM е многу повеќе од групирање на предметни области. Тоа е движење кое треба да развие длабоки математички и научни основи кај учениците, кои треба да бидат конкурентни за работната сила во 21-от век.
Проектот се однесува на специфични приоритети кои имаат за цел зајакнување на профилот на професијата наставник, справувајќи се со сложени реалности во училницата и усвојување на нови методи и алатки. Освен тоа што наставникот пренесува знаење во училницата, наставникот има улога и да ги оспособи учениците да бидат креативни, мотивирани и да ги поучи како да вклучат и користат наука, математика и технологија во реални ситуации.
Тимот одговорен за проектот newWERD