Одбележувањето на Денот на Средното општинско училиште
„Гимназија Кочо Рацин“ и оваа година беше заокружено со пригодна
културно – уметничка програма.
Уметничкиот дел од прославата го започнавме со музичкиот
настап на училишниот оркестар во состав на учениците Ангел Богоевски,
бас гитара, Стојан Димовски и Матеј Богатинов, гитара, Андреј Цецев,
ударни инструменти, Кристина Станишева, виолина и вокалните солисти
Филип Настов, Изабела Жабева, Ива Ракиџиева и Кристина Станишева
кои ja изведоа химната на градот „Миле Поп Јорданов“ и химната на
нашето училиште „Копачите“ под диригентската палка на професорот по
Музичка уметност, Атанас Зафиров. Присутните гости ја проследија
ликовната изложба „Рацин во срце те носиме““ подготвена од учениците
од трета и четврта година од јазично – уметничкото подрачје при СОУ
„Гимназија Кочо Рацин“ под менторство на професорката по Ликовна
уметност, Јулијана Михова. Во чест на нашиот Патрон се објави и
четвртото специјално издание на нашиот е-весник „Гимназијалец“
подготвено од членовите на Медиумскиот клуб, техничкиот уредник
Кристијан Мартинов и главниот уредник проф.Магдалена Сарагинова.
Водителите Ана Бошкова и Јана Пљокова, добредојде им посакаа
на почитуваните гости, пратеникот во Собранието на Република
Македонија, Игор Здравковски,почитуваниот заменик – градоначалник на
општина Велес г-дин Коста Нојков, Државниот просветен инспектор,
директорите и наставниците од основните и средните училишта од
нашата општина и директори на општествени и културни институции.
Поздравени беа и претставниците на Македонската православна црква,
Повардарска епархија, претставници на Армијата на Република
Македонија, почитуваните членови на Училишниот одбор и Советот на
родители на Гимназијата, родители на нашите ученици и останати
граѓани и професори во Гимназијата „Кочо Рацин“. Водителите го
поканија, господин Илија Попов, директор на Средното општинско
училиште „Гимназија Кочо Рацин“ да им се обрати на присутните. На
присутните гости им се обрати и ученикот Кристијан Мартинов, како
режисер на театарската претстава, воведувајќи ја публиката во она што
ќе може истата да го проследи на сцената.
Завршната вечер традиционално беше одбележана со изведба на
театарска претстава. Гостите имаа можност да ја проследат изведбата
на театарската претстава „Кој го уби сонцето“. Текстот за
овогодинешната театарска претстава го напиша ученикот Кристијан
Мартинов, за што сме му исклучително благодарни. Негова инспирација
е денешното секојдневие од она што го гледал што се сучува во сите
семејства, а исто така и во неговото семејство. Претставата обработува
теми на носталгија и копнеж кон она што нам ни е дома. Нашите актери
оваа година имаа огромна задача да ви ги претстават случувањата со
кое сите ние секојдневно се соочуваме, а тоа е предизвикот на дваесет и
првиот век, така наречената бела чума. Играјќи ги улогите, овие млади
уметници на возраст од петнаесет до осумнаесет години, секојдневно
при подготовката на театарската претстава го искажуваа нивното
мислење велејќи дека се плашат за нивната иднина да не бидат и тие
принудени да се соочат со истиот проблем.
Подготовката и реализацијата на театарската претстава „Кој го
уби сонцето“ се одвиваше под менторство на професорките по
Македонски јазик и литература: Александра Стојановска, Весна Павлова,
Магдалена Сарагинова и Цветанка Карамаркова.
Несебична поддршка и помош во подготовката театарската
претстава имавме и од ученичката Васика Карталова во улога на
инспициент, контролирајќи ги сите работи зад сцената за успешна
изведба на театарската претстава.
На сцената настапија актерите: Кристијан Мартинов, Изабела
Жабева, Катја Зафирова, Филип Настов, Димитар Коцев, Марио Заеков,
Викторија Панзова, Ива Ракиџиева, Матеј Славески, Анастасија Крлева,
Марко Стојановски, Милена Димова и Лана Басаров. Во музичкиот дел
настапија учениците: Кристина Станишева – виолина и Матеј Богатинов –
акустична гитара под менторство на професорот по Музичка уметност,
Атанас Зафиров.
За шминката се погрижи ученичката Александра Панова.
Фотографиите ги изработи ученичката Ивана Јанкуловска, а постерот,
ученикот Кристијан Мартинов.
Публиката ја проследи претставта со големо внимание и беше
воодушевена од професионалнаиот пристап кон актерската задача, која
младите актери ја исполнија на високо ниво. Тие на публиката и ја
испратија пораката дека најдобро и најубаво е да се живее дома, таму
каде што топлината на сонцето е најсилна и никогаш нема да се прашаат
кој го уби сонцето? Топлиот и громогласен аплауз беше најголемата
пофалба и благодарност за трудот кој тие го вложија при подготовката
на претставата.