153 ГОДИНИ ВЕЛЕШКА ГИМНАЗИЈА
Градот Велес е меѓу првите, ако не е и прв град во Македонија каде почнува да се реализира повисоко образование од основното, гимназиското или како во тој период се нарекувало полугимназијално образование на народен т.е. словенски јазик. Многу причини кои меѓусебе се условуваат и дополнуваат, влијаат за развојот на просветното дело во градот. Меѓу нив можат да се набројат следниве:
1. Никогаш непрекинатата словенска писменост за што значајна улога одиграле метосите од Рилскиот, Зогафскиот, Дечанскиот и другите манастири.
2. Раната појава на богатите луѓе – чорбаџии, главно трговци, кои биле доста влијателни пред турските власти во градот.
3. Појавата на голем број трговци и занаетчии во Велес во периодот на XIX век кои пројавиле голем интерес за ширењето на словенската писменост во градот.
За словенската писменост и нејзината улога во образованието во Велес
Обидите на грчките владици и фанариотите да воведат грчка писменост и со тоа да ја потиснат словенската не вродиле плод. Словенската писменост се задржала благодарение на компактноста на христијанското население и вековното богослужење во велешките цркви на словенски јазик. Важен елемент е и ориентираноста на крупната трговија во Велес кон трговските центри на север: Пешта, Виена, Лајпциг и др. Дел од трговијата се ориентирал кон југ кон Солун, Серез и др. Но познавањето на турскиот јазик за таму бил доволен. Свое влијание во задржувањето на словенскиот јазик имале и метосите на различни манастири, посебно метосот на Рилскиот манастир Св. Ѓорѓи од источната страна на градот и метосот Св. Атанаси на западната страна на градот. Значајна улога имале и свештениците – приватни учители кои по своите домови учеле на читање и пишување.
За влијателните Македонци пред турските власти
Почнувајќи од XVI век кога од 263 христијански даночници, 29 биле повластени пред османската власт, во XIX век тој број бил поголем, а сето тоа се одразило на зачувувањето и градењето на словенскиот јазик. Ова влијаело на подигнувањето на свеста на Македонците во градот, но и на просветното дело на градот. Хаџи Оце Коџобашијата потрошил 36. 000 гроша за изградба на Св. Спас во Велес.
Појавата на граѓанската класа и нејзиното интересирање за словенската книжница
Трговијата која се водела со центрите од средна Европа, особена со земјите на Хабзбуршката монархија значеше и допир со луѓе и установи кои се занимаваа со просветна дејност, особено со Србите од тие краишта. Интересот за книги кои биле на српски јазик, кои ним им бил доста близок бил голем. Во периодот од 1827 до 1857 година голем бил бројот на велешките фамилии кои пројавиле интерес за словенската книга и кои биле претплатници во мал или поголем број на сите книги кои се печателе.
Појавата на трговците и занаетчиите во Велес
Во периодот на 40. и 50. години на XIX век во Велес започнува да се развива трговијата. Биле воспоставени трговските врски на велешките фамилии Шулевци, Палашевци, Кушовци, Станинци и др. со Виена, Пешта, Лајпциг, Солун, Серез и др. Развојот на трговијата помогнал да се развијат и одредени занаети, а воедно помогнало да се развие и стоко-паричното стопанство. Сето тоа влијаело на развитокот на школството во градот. Од друга страна црковно-училишните општини имале поголеми приходи и со тоа се создале предуслови да бидат во состојба да даваат повеќе пари за подобри учители. 30. години на XIX век е периодот кога Велешката црковно-училишна општина пројавила интерес за училиштето. Периодот кој следел за Ве лешката црковно-училишна општина значел и конечно оформување и земање на учебното дело во свои раце. Кога од 1832 година црковно-училишните општини започнуваат да им плаќаат поголеми плати на учителите во Велес, почнуваат да доаѓаат учители кои би го подигнале учењето на повисоко рамниште. Доаѓањето на Ј. Х. К. Џинот во Велес оставил длабок впечаток во образовниот процес во градот. Неговите промени во наставата ја направиле световна и извршил измени во правец на воведувањето на заемно-учителскиот метод што значел и пресвртница во наставата на велешките училишта. Тој процес отприлика бил завршен со доаѓањето на даскалите Спиридон и Константин или Никола Самоковлијата во градот. Со работата на овие двајца-тројца учители во градот била ставена основата за понатамошниот развој на велешките училишта. Во периодот што следел продолжил вистинскиот процес во градот. Доаѓањето на Милутин Будимировиќ, емигрант од Србија, направен бил силен чекор напред во училиштето на западната страна. Се искажуваат мислења дека во училиштето се учеле предмети од нижа гимназија. Во времето од 1847 до 1855 година своја дејност имале и Јанко Менкаџиев, Андо Кирков, Ѓорѓи Трајкоф, Елисеј П. Теофилов како и таткото на Рајко Жинзифов. Од 1857 година со доѓањето на Јован Нешковиќ и Ѓорѓи Икономов се означува и почетокот на работата на училиште од повисок ранг кое се вика класно и кое давало највисоко образование кај нас. Во Велес Нешковиќ организирал училиште кое го нарекол трговско и за кое вели дека имало 2 професора и 40 ученика и дека се изучувале предметите: граматика, историја, земјопис, стокознание, општествена историја, аритметика, германски и др. По заминувањето на Нешковиќ од Велес образовниот процес бил продолжен од Ѓорѓи Милетиќ кој доаѓа во градот во препорака од бившиот велешки митрополит Авксентиј и за кого вели дека има висока школска наобразба и може да ја продолжи дејноста на Нешковиќ. Образовната дејност ја вршел во учебната 1859-1861 година. За време на неговата работа во Велес бил формиран и училишен хор кој за време на празниците пеел по куќите. Образовна дејност во исто време на западната страна изведувал и Ѓорѓи Икономов кој дошол во Велес по препорака на Најден Геров во 1857 година. По потекло бил од Дупница и негова задача било да го подигне образованието на повисоко ниво на западната страна на градот. Бил добар учител, а се пројавил и како автор на книги: Географија, Огледало на гркоарнаутската маѓесница и Краток и најнов писмовник. Во неговото училиште биле изучувани предметите: аритметика, граматика, бугарска историја, краток катехизис и др. По заминувањето на Икономов во 1861 година, на негово место доаѓа отец Алексеј кој своето образование го стекнал во Зографскиот манастир. Останал во Велес до 1868 година и ги предавал истите предмети кои ги предавал Икономов. Врз основа на овие пишувања со право може да се потврди дека гимназиското образование во Велес било да се смета училиштето на Нешковиќ или на Икономов започнало во 1857-1859 година.
Класните училишта во 70. години на XIX век
Борбите против фанариотскиот митрополит кон кого помирливо се држел отец Алексеј, завршиле со напуштање на Велес на отец Алексеј и заземање на неговото место од страна на Константин Босилков кој како главен учител останал од 1868 до 1872 година. Неговото доаѓање значело и почеток на некакви реформи кои се однесувале на воведување на нови предмети кои би ги предавале други професори, како и годишните испити да се изведуваат и со учество на публика. Полната своја организација класното училиште ја добива со доаѓањето во Велес на Васил Поповиќ1870-1874 година, кога класното училиште било подигнато на повисоко рамниште. Иако се соочувал со низа проблеми, Васил Поповиќ бил главниот „виновник“ (во позитивна смисла), за обединување на двете општински училишта, а воедно и на двете општини во една. Тој ја извршил и онаа реорганизација со која класното училиште ја добило и својата полна организација; предметите биле порационално распоредени на неколку учители, класното училиште имало четири класови со четири учители. Од тогаш влегол во употреба и терминот класен учител за оној учител кој предавал во класовите. Периодот што следел во Велес имало учители кои можеле да ја продолжат работата и по заминувањето на В. Поповиќ. Настаните кои следеа негативно се одразија во учебното дело во Велес. Востанијата во Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Српско-турската војна и Руско-турската војна и особено учеството во Кресненското востание значеле и удар за работата на училиштето. Кризата која ја зафати училиштето во периодот 1878-1882 година поради финансиската немоќ на општината, била пребродена и продолжило со работа во наредниот период.
Гимназијата во времето од 1912 до 1918 година
Времето по Првата балканска војна е период кога образованието во Велес се соочува со големи проблеми. Намалувањето на бројот на учениците, реализирањето на две учебни години во периодот 1912-1915 година, а во 1915-1918 година се случува истото, ќе доведе запирање на една систематска просветна дејност. Силно влијание врз тој процес има и просветната политика на српската т.е. бугарската држава, а учењето во тој период се смета за редовно учење.
Гимназиското образование од 1918 до 1941 година
Враќањето на гимназијата на своите стари текови започнува во учебната 1919/20 година. Иако редовна како шестокласна се соочува со намалување на бројот на учениците. Главна причина се смета националната потиснатост како и лошата повоена економска состојба на месното население. Тој тренд на намалување на бројот на ученици гимназијата ќе ја следи и во наредните неколку години. Од 1921/22 година гимназијата почнува да работи како полна, со запишани околу 362 ученика. Полна државна гимназија е од 1929 година кога со кралски указ е сведена на четирикласна гимназија. Реакцијата на т аквата одлука на владата на Кралот Александар ре зул тира со намалување на бр ојот на учениците. Самоуправната гимназија која по чнала со работа во учебната 1932/33 година, со отворање на V клас ќе биде место каде малубројната младина ќе стане политички поак тивна. Во периодот од учебна та 1919 /20 до 1939/40 година низ велешката гимназија поминале околу 149 наставника од кои од Велес биле само 7, а другите од другите краеви на тогашна Југославија и 15 Руси – емигранти, кои биле главните „виновници“ за започнување на политичката активност на велешката младина во гимназијата.
Гимназијата во време на бугарската окупација
Воспоставувањето на бугарската власт во Велес, значело и почеток на засилена активност на СКОЈ-евската организација во гимназијата. Започнува конкретни акции против просветните власти во гимназијата за спречување на фашизацијата, носењето на училишни униформи, зборувањето на бугарски јазик, пречење во наставата и др. Кон крајот на 1941 година бројот на членови во СКОЈ-евската организација во гимназијата изнесувал околу 100. Обидот на бугарската власт да ја намали активноста на организацијата преку активирањето на нивните организации Браники Отец Пајсиј не вродиле со плод. Формирањето на Велешкиот партизански одред во 1942 година значеше и вклучување на голем број гимназијалци во редовите. Во септември 1942 година во партизани се вклучуваат Благој Кирков и Благој Јанушев, а подоцна нив им се приклучува Наќо Мешков – Кочо. Во наредните месеци бројот на гимназијалците кои се приклучуваат во партизанските редови расте. Околу 40 гимназијалци беа вклучени во вооружените активности во партизанските одреди. Неколку од нив: Благој Кирков, Благој Јанушев, Ѓоре Органџиев, Јовче Тесличков, Кире Зафиров и Максим Чушков, загинуваат во судир со бугарските војски.
Стопанскиот живот во Велес во XIX век
Силно влијание врз образовната дејност во Велес изврши развој на занаетчиството и трговијата. Ерата на танзиматот за Велес се карактеризира со економски напредок и развој на занаетчиството. Јакнењето на паричниот промет доведе до засилен развој на преработувањето на кожата и производството на сахтијани. Велешките производи биле барани во европските трговски центи како Цариград, Белград, Пешта, Виена, Трст, Лајпциг и др. Се издвојувале велешките фамилии кои се занимавале со откуп и трговија на кожи: Весови, Кушеви, Дрндарови, Шулеви, Урумови и др. Освен со преработувањето на кожи, велешките занаетчии се занимавале и со мутафџискиот и гајтанџискиот занает. Најголема гајтанџилниска работилница имала фамилијата Кушеви која била урната со изградбата на железницата. Таа се наоѓала на десната страна на Вардар кај месноста Јаниташ. Други гајтанџилници биле на фамилијата Капчеви, кај месноста Потокот и Дервен. Крајот на XIX век и почетокот на XX век важно место во стопанскиот живот им припаѓаше на производите на лозарството. Прочуената велешка ракија била продавана во Радомир, Ќустендил и Паланка. Во Велес се садело и се тргувало со индустриски култури: афион, памук и сусам. Од големо значење било одржувањето на панаѓурот во Велес кој почнувал во понеделник по Ѓурѓовден и траел 15 дена. Засилениот стопански развој на Велес бил видлив со изградбата на железницата од Скопје до Солун и нејзиното подоцнежно поврзување со Митровица. Со тоа се зголеми брзината и се скрати времето за преминување на разделечености и се зголемија можностите за тргување со поголеми количества на стоки.
Театарското дело во Велес
Театарскиот живот во Велес се поврзува со личноста и делото на Ј. Х. К. Џинот. Склоноста кон драматургијата, пишувањето на театарски текстови, импровизираните симболично-патриотски сцени кои биле привилегија за неговите ученици, иако не можат да се сметаат за театарски престави за поширока публика, не го намалуваат значењето на Џинот како пионер во театарското поле во Велес. „Виновен“ е затоа што ја запознава велешката младина со театарот, им се всадува љубов кон театарот и го фрли семето кое ќе почне да никнува уште додека е тој жив. Првите години од театарскиот живот во Велес се случуваат 80. години на XIX век, изведени од учителите и се дала по иницијатива на учителот Живков. Во времето до Балканските војни тетарот во Велес се повеќе се развива. Театарските престави се неразделен дел на културно-забавниот и просветниот живот на граѓаните. Во тој период биле изведени преставите „Женидба“, „Велизариј“, „Геновева“ и др. За прв пат од 1895 година во велешкиот театар се појавуваат и жените глумици. По завувањето на Првата светска војна театарскиот живот почнува да се разгорува благодарение на театарската група Лазиќево позориште. Од 1921/22 година се формира театарската дружина од спортското друштво Соко, а од 1923 до 1929 година дејствува групата Напредок, која била формирана од напредната младина и работништвото. Поради преставите и начинот на работа била укината со указ во 1929 година. Нејзино повторно активирање има во периодот 1935/36 година кога дејствува во исто време со СМД Горски. Дејноста на тетарските групи во периодот на Втората светска војна бил замрен поради забраната на бугарската власт. Активноста на велешкиот театар започнуваат после ослободувањето кога се формираше театарот како народен театар и претставува културна институција.
Музичкиот живот во нашиот град
Музичкиот живот во Велес во првите години на XIX век е поврзан со црковното пеење. Првите учители по пеење се учат во светогорските манастири, тоа се учители-свештеници, калуѓери и калуѓерки со извесни музички познавања, како што се Даскал Коте, Илија Зограф, калуѓерката Марија Самуркашова и др. Со првите методики по пеење се служи Рано Даскалот, веројатно донесени од велешките трговци од центрите во средна Европа во периодот околу 1830 година. Значаен настан кон музичкиот живот во Велес се случува со доаѓањето на Џинот. За него се поврзуваат и сериозните работи на музичко воспитување, за теоријата која се одразувала во животот на учениците. Во периодот 1850–1880 година за музичкиот живот се поврзуваат и делата на други учители како Васил Дијамандиев, Константин Илиев, Пандо Велев, Стојанка Дудикова и др. Генерациите пред, за време и по Илинденското востание покрај својата општообразовна и педагошка подготовка, работат многу сериозно и на своето музичко образование. Се раѓаат големи музичари и пеачи како што биле Султана Алабашева која станува и позната оперска пеачка, диригентите и музичарите: Ристо Елезов, Михаил Узунов, Крум Чушков и др. Во велешките училишта се создаваат високонадарени музички учители како: Тодор Ицов, сестрите Проичеви, Михови, Попорданови, Бојаџиеви, Војнови и др. Се формираат и првите хорови и оркестри, оркестарот Славеј формиран со залагање на Ристо Елезов, реорганизираиот црковен хор од 1906 година. Околу 1911 година во Велес почнува да работи и оркестарот на Кочо Матов Апостолов – Чаушот, првиот диригент на велешката музика. Дејноста на овој музички состав е од 1913 година кога полицијата ја забранува дејноста на дружината. Крајот на Првата светска војна значи и почеток на обновувањето на музичкиот живот во Велес. Во времето на политичките превирања во Велес започнува со дејност Првото работничко културно-просветно друштво Абрашевиќ, а по него се оформува и друштвото на Петре Јарчев – Напредок.
Кон крајот на 1925 година се формира и камерен оркестар под раководство на Илија Настов. Формирано е музичкото друштво Гром во чија работа учествуваат Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Ѓорѓи Минов, Ганчо Пајтонџиев, Лазо Лукар и Петре Ќупов. Целта е помагање на културно-просветната работа на младите во градот. Времето на Втората светска војна е период кога музичкиот живот во Велес се соочува со проблемот на силно влијание на окупаторските пропаганди. По завршувањето на војната започнува процесот на обнова и формирање на новите културно-уметнички друштва. Започнува со работа и првото музичко училиште од кое излегуваат многу познати имиња со кои градот има право да се гордее.
Велешките мајстори и зографи и нивната дејност
Половината на XIX век го означува и почетокот на засиленото дејствување на тајфите на велешките зографи и мајстори. Еден од најпознатите градители кој потекнува од велешкиот крај е Андреја Дамјанов за кого се поврзуваат многу дела низ градовите од Балканот, но со Велес го врзува изградбата на црквата Св. Пантелејмон во 1840 година, а заедно со неговите браќа работат на иконостасите во велешките цркви. Современик на Андреја Дамјанов е и Хаџи Косте кој работи на фреските и иконите во црквата Св. Пантелејмон. Други познати велешки мајстори – градители и зографи биле Ѓорѓи Новаков–Џонгар родум од Дебарско, зографот Димитрија Андонов познат како прв наш зограф кој изведувал слики со световна тематика. Делата на велешките мајстори ќе ги афирмираат надвор од нашата земја, дела кои преставуваат најголеми достигнувања во XIX век.
Одговорен професор:
Сашко Николовски