Кочо Рацин – Коста Солев
(1908-1943)
Коста Солев е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во семејството на сиромашниот грнчар Апостол Солев. Имал гладно и сиромашно детство во кое многу работел и учел. Рано го сфатил ропскиот живот на македонскиот народ и затоа уште во детството кај него се јавила омраза кон експлоататорите.
Поради сиромаштија го прекинал школувањето во II клас нижа гимназија и му се посветил на татковиот, грнчарскиот занает. Но, секој слободен момент го користел за читање, повлекувајќи се на таванот и учејќи на свеќа. Ги читал делата на најистакнатите марксисти, социолози, писатели и мислители.
Меѓу двете светски војни станал член на Комунистичката партија на Југославија.
Во 1939 година, во Самобор, до Загреб, била отпечатена на македонски јазик стихозбирката „Бели мугри“. Книгата била забранета, но сепак брзо се раширила меѓу македонското население.
1941 година тој работел во Софија, но по смртта на Коле Неделковски, бил гонет од софиската полиција, па избегал во Скопје. Тука работел во Народната библиотека, а живеел илегално. Малку подоцна се вклучил во партизанските одреди. Го издавал весникот „Илинденски пат“. Работел во партизанската печатница и подготвувал нова книга за печатење. Загинал несреќно (?) на 13.06.1943 година, на планината Лопушник.