Гимназијалците се вклучуваат во натпреварот Европски квиз на парите
Работна средба за подготовка за Европскиот квиз на парите
Народната банка беше домаќин на работна средба со координаторите од основните и средните училишта од земјава кои ќе учествуваат во Европскиот квиз на парите. На настанот се одржа презентација на одделните фази и обука за подготовка за натпреварот, кој во организација на Македонската банкарска асоцијација, Министерството за образование и наука, Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, по првпат се одржува во нашава земја, чија цел е финансиска едукација на младите од 13 до 15 години.
{besps}stories/ucebna2018_2019/kviznapari/sliki{/besps}
Свое поздравно обраќање имаа гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска и заменик-министерот за образование и наука, проф. д-р Петар Атанасов, кој меѓу другото истакна дека обуката и едукацијата на младите е приоритет за секое општество. Тој потсети дека во контекст на остварувањето на оваа приоритетна цел, Министерството потпиша меморандум за соработка и со Македонската банкарска асоцијација, со кој се предвидени заеднички активности коишто ќе придонесат за подобрување на финансиската писменост и едукација кај младите и спроведување проекти, обуки, семинари и натпревари од областа на финансиите и економијата. Една од тие активности е и Европскиот квиз на парите. Министерството за образование и наука ќе ја поддржи оваа активност преку воспоставување контакт со основните и средните училишта. Присутните на настанот ги поздрави и г. Коста Митрески, претседател на Македонската банкарска асоцијација, а м-р Милена Перчинкова од Асоцијацијата, изврши презентација за текот на натпреварот.
Натпреварот за Европскиот квиз на парите ќе се одвива во три фази. На 13 март ќе се спроведе првиот подготвителен тест во рамки на пријавените одделенија, односно класови, а на 20 март ќе се одржи и вториот подготвителен тест. Најдобрите по овие два теста ќе настапат на финалниот натпревар, којшто ќе се одржи во Скопје, на 27 март, по кој ќе бидат познати двајцата најдобри ученици кои ќе ја претставуваат земјата на Европскиот квиз на парите во Брисел, на 7 мај годинава.
Координатор, Анита Смилевска