На 29 февруари, 2024 година, за наставниот кадар во Гимназијата се реализира
обуката на тема „Воспитно – образовната работа со учениците со визуелни
оштетувања“. Истата ја реализираа м-р Александра Јаковчевска, специјален
едукатор и рехабилитатор и м-р Анита Чекановска – Димитриевска,
тифлопедагог, вработени во Државното училиште за рехабилитација на деца и
младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје.
Обуката ја започна м-р Александра Јаковчевска, која го сподели своето
професионално искуство за работата со деца со оштетен вид. Истакна дека
училиштето „Димитар Влахов“ е единственото училиште во нашата држава во кое
се спроведува основно и средно стручно образование, како и нижо музичко
образование за ученици со оштетен вид. Целта на училиштето е интеграција на
учениците со оштетен вид во сите сфери на општествениот живот.Преку неколку
примери, таа даде совети и насоки за работата со ученици со оштетен вид, со цел
самостојно да ги задоволуваат своите потреби и да ги извршуваат своите работни
обврски.
Во понатамошниот дел на обуката со свое излагање се претстави и м-р Анита
Чекановска – Димитриевска. Таа ги наведе основните фактори и карактеристики
на наставниот процес, адаптирање на наставните методи и дидактичките
принципи при работа со ученици со оштетен вид. Нагласи дека организираната
училиница го намалува визуелниот неред, помага на ученикот самостојно да ги
лоцира училишните материјали.Наставата треба да се смисли и организира, така
што во неа слепите и слабовидни ученици да учествуваат, вклучувајќи ги
преостанатите сетила со цел развој на различни идеи и искуства во формирање
на знаења за светот околу нив.