Одбележување на 84 – годишнината одизлегувањето на стихозбирката „Белимугри“ од Кочо Рацин
Како и секоја година, така и оваа, традиционално го чествуваме Рацин и неговата поезија. Оваа, 2023 година,одбележуваме 84 години од излегувањето од печат на неговата збирка социјална поезија „Бели мугри“. Во малото место Самобор, во близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, на 25 ноември, пред 84 години, светлоста на денот падна врз страниците на новата збирка поезија која излегуваше од печатарските валци.Листови хартија за кои никој не предвидел дека тие ќе претставуваат мисла водилка за многу идни генерации.
Рацин секогаш имал достојни наследници меѓу учениците во Гимназијата која со гордост го носи неговото име. Нашите млади рецитатори, вљубеници во поезијата, ни ги пренесоа Рациновите стихови. Песната „Денови“ ја рецитираше ученикот Јаков Ѓоргоски. За маките на „Тутуноберачите“ рецитираше Андреј Димоски, а за мачниот труд на „Копачите“, Матеја Андреева и Марија Манева. Тажната, баладична судбина на „Ленка“ ни ја раскажа Ања Трајковска, а музичката композиција „Ленка“ ја интерпретираше ученикот Филип Настов. За љубовта за живот човечна преточена во „Печал“ рецитираше Изабела Ѓурчиновски.
Во улога на наратори настапија учениците: Ивана Јанкуловска, Сара Арсеновска, Јована Благодовска, Василка Карталова, Марко Коцев, Деспина Стојанова, Леона Цветковска и Стефанија Кузманова.Програмата ја водеа учениците Јана Пљокова и Марио Заеков.
Нашите млади уметници, Марија Арсовска и Стефани Настова преку цртежи кои ги изработуваа на самиот настан, испратија порака за големата и важна улога на малата книшка поезија „Бели мугри“ врз развојот на современата македонска поезија и литература.
За значењето на Кочо Рацин и неговата стихозбирка посветена на нашиот македонски народ, текст подготви ученичката Ива Илиевска, со кој заврши настанот посветен на 84 – годишнината од излегувањето од печат на збирката социјална поезија „Бели мугри“. Текстот го пренесе ученичката Нина Митевска.
Пријатните мигови од овој настан со својот фотообјектив ги овековечија учениците: Ива Илиевска и Елена Стојановска.
Реализирањето на оваа активност беше координиранаод професорите по Македонски јазик и литература и професорите по Ликовна и Музичка уметност.