Годинава прославуваме 84 години од штрајкот што се случи во велешката Гимназија,
84 години од бунтовниот 14 Март 1942 година, денот кога напредните младинци,
Гимназијалци го кажале своето решително не, на бугарските власти. И оваа година ја
спојуваме историјата со современото време преку театарската претстава „Штрајкот на
велешките Гимназијалци“. Нашите ученици ги оживеаја вистинските настани од 14
Март 1942 година, пренесувајќи ја храброста и непокорливиот дух на Гимназијалците
кои го обележаа овој историски чин. Истовремено се потсетивме и ги насочивме
нашите мисли и срца кон едно место и еден ден што трајно оставија длабоки рани во
нашата заедница. На 16 март 2025 година, пред точно една година, трагедијата во
Кочани која никој од нас не можеше да ја предвиди, однесе шеесет и три животи.
Меѓу нив беа млади луѓе, деца од нашата генерација, со соништа, планови и насмевки
што беа ненадејно прекинати. Денеска, кога од сцената пренесовме приказна за
заедништво, младост и историја, потсетивме дека животот е кревок и дека секој од тие
шеесет и три животи беше посебен, сакан и непроценлив.
Годинешнава претстава во себе има елементи што ја прават поразлична од сите
досегашни театарски претстави, бидејќи при изведбата на истата присутната публика
имаше можност да ја види исклучителната талентираност на нашите ученици во повеќе
области:актерство, музика, изработка на видеа и постери. Младите актери, како и
учесниците во хорот и оркестарот, од публиката беа наградени со громогласен аплауз
што беше најголема пофалба и благодарност за трудот што тие го вложија во
подготовката и изведбата на претставата. Фоајето на театарот беше местото каде што
публиката имаше можност да ги проследи фотографиите изработени од промо – тимот
на училиштето и учениците од јазично – уметничкото подрачје.
Учениците при подготовката на театарската претстава работеа под менторство на
професорките по Македонски јазик и литература: Цветанка Карамаркова и Весна
Павлова во соработка со професорите по Музичка и Ликовна уметност, Атанас
Зафиров и Јулијана Михова.
Искажуваме огромна благодарност до Општина Велес и директорот на
Гимназијата, Илија Попов, за несебичната поддршка при реализацијата на претставата
која говори за големината и значењето на овој голем историски настан, штрајкот на
велешките Гимназијалци.
Настанот штрајкот на велешките Гимназијалци, е настан кој не обврзува секоја
година да се навраќаме на него и да се потсетуваме на значењето на истиот за нас, но и
за идните генерации дека негувањето на мајчиниот јазик е нешто свето.






