Отворениот ден на училиштето е можност учениците од Гимназијата
„Кочо Рацин“ да ја покажат својата креативност и способност во различни
области пред учениците од девтто одделение.
На 7 мај 2025 година, бевме срдечни домаќини на големиот број посетители
кои дојдоа во нашето училиште. Учениците од прва до четврта година го
покажаа својот талент од областа на: музиката, спортот, ликовно-творечката
уметност, литературата, медиумската писменост, странските јазици,
општествените и природните науки, математика и информатика. Се истакнаа
посветеноста и мотивираноста на Гимназијaлците кои секогаш резултираат со
успех преку учество во натпревари, квизови и едукативни работилници,
литературни конкурси, спортски активности, театарски претстави, ликовни
изложби, музички настапи, работата на повеќе проекти. Водителите Теодора
Панова и Филип Настов, добредојде им посакаа на деветтоодделенците,
наставниците од основните и средните училишта од нашата општина и
претставниците од високообразовните институции од Република Македонија. Тие
упатија пораката до деветтоодделенците дека најдоброто место кадешто треба да
го продолжат своето понатамошно образование е Гимназијата. Да се биде
гимназијалец, значи да се стремиш кон успех и ништо помалку. Исто така ја
истакнаа важноста и
можноста на гимназиското образование за проодност кон сите факултети. Преку
прашања, квизови, експерименти и многу други активности, Гимназијалците
остварија комуникација со деветтоодделенците упатувајќи ги кон патеките на
нашата предметна настава распределена во различни подрачја во кои се
изучуваат предмети од областа на науката, математиката до тематиките на
филозофијата, историјата, литературата, спортот, музичката и ликовната
уметност.
Целиот настан беше одбележан со настапот на училиштниот музички бенд кој
на гостите им овозможи пријатно расположение.
На Отворениот ден на Гимназијата присуствуваа и претставници од
повеќе државни и приватни факултети од Републикава. На тој начин ја
постигнавме и втората наша цел да го олесниме патот до изборот на
понатамошното образование на годинeшнава генерација матуранти. Тие имаа
можност директно да комуницираат со претставниците од голем број факултети
во нашата земја кои беа наши гости и на учениците матуранти им нудеа
информации потребни за нивното студиско образование.
„Образованието е пасош за иднината, бидејќи утрото им припаѓа на оние кои од
денес се подготвуваат за него“ – Малколм Екс.
