Учество на конкурс
Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, како имплементатор на Програмата „Млади репортери за животната средина“, која што е во сопственост на Фондацијата за еколошка едукација (FEE) и се спроведува како составен дел од Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, распиша конкурс за избор на најдобри новинарски статии, фотографии и видеа. Овој конкурс е наменет за сите средношколци и може да се учествува индивидуално или здружено во тимови, под менторство на професор. Секој тим или ученик мора да одреди свој проект за истражување во кој ќе се истражува одреден проблем од животната средина. Оваа учебна година фокусот е ставен на 3 главни теми за истражување: мојот зелен град, национален и локален биодиверзитет и одржлив транспорт.
На овој конкурс зема учество ученикот Петар Андреев од 1-5 клас, под менторство на професорката по Македонски јазик и литература, Цветанка Карамаркова. Тој ја избра темата „Мојот зелен град” и одлучи да истражува за решението кое што на нашиот град Велес му е од огромно зрачење, а тоа е остранувањето на црната згура од тешки метали од работењето на Топилницата. Тој вели дека пишувањето, за него претставува пред се еден вид на релаксација но и хоби кое го поттикнува да размислува повеќе за секојдневните навидум небитни теми. Исто така вели дека ова за него било интересно искуство кое барало доста истражувачка работа и собирање на податоци од темата на екологијата, односно конкретниот проблем за кој тој пишува подолу. Му посакуваме многу среќа и висок пласман на конкурсот, а во продолжение можете да погледнете за што точно станува збор.
ЗА 10 ГОДИНИ НАМЕСТО „ЦРН РИД“, ЗЕЛЕНА ПОЛЈАНА
Велес е на прагот да го реши проблемот со загадувањето. Таканаречениот „Црн рид“ за десет години треба да го снема. Скопската компанија „Екоцентар 97“ во наредните 10 години ќе врши експлоатација на оваа жешка еколошка точка. Екологистите велат дека процесот на преработка е единственото правилно решение за Велес и велешани. Игор Смилев, еден од најгласните борци за здрава животна средина вели дека за прв пат на Велес му претстои добро еколошко решение.
„Мислам дека црната троска по велешани е најиспитуваното нешто во државата. Она што го има кај велешани е присутно и во троската. Значи цинкот и оловото сами по себе се значајни за да знаеме дека тоа овде не треба да биде и потребно е да се исчисти“, вели Игор Смилев ЕГ Грин Пауер.
Направените истражувањa, покажуваат дека ридот со згурата тежи речиси 2 милиони тони. Депонијата во себе содржи осум проценти цинк и помал процент олово и кадмиум. Токму овие метали се причина велат експертите и „Екоцентар 97“ да е заинтерсиран за нејзина преработка. Според јавно објавената мисија оваа команија има за цел со своето работење да придонесува за намалување на штетните и опасни материјали во природата и да спречи понатамошно загадување, со цел да се обезбеди поздрава и почиста животна средина. Нешто што за велешани е приоритет. Ова решение исто така го поддржуваат и средношколците од градот. Велат дека, отстранувањето на штетната црна згура ќе придонесе за почиста средина, а воедно и поздрави идни поколенија.
„Сметам дека згурата локализирана во близина на поранешната велешка Топилница, му нанесува штета во огромни размери како на Велес така и на неговите жители. Веројатно изгледа како мизантропски да се однесува кон нас велешаните. Затоа е потребно нејзино брзо елиминирање од велешкото тло, за во иднина ниту општеството, ниту Велешкиот подмладок да не почувствува штета“.
„Згурата од Топилницата на Велешани премногу им штети, бидејќи е преполна со тешки метали и треба во најскоро време да се изнајде решение за спас од неа“.
„Моето мислење за отстранувањето на згурата е позитивно, затоа што доколку ја има таа е разнесувана од ветрот и е пренесена низ целиот град загадувајки го, бидејки тој прав е составен од тешки метали штетни за сета популација на градот“.
„Секако дека сметам дека црниот рид од топилницата треба да биде што побрзо отстранет. Ветерот постојано ги разнесува остатоците од тешките метали што допринесува загаденоста овде да се искачи на едно повисоко ниво. Топилницата одамна ја нема но нејзините остатоци сеуште го загадуваат Велес и околината. Отстранувањето на овој рид ќе биде голем напредок за почист живот за нас и нашите потомци“, велат анкетираните граѓани.
За екологистите решавањето на проблемот со згурата е едно од најзначајните прашања кога станува збор за развојот на земјоделието. Ружата на ветрови со себе носи тешки метали по обработливите ниви. Последната физибилити студија која е изработена со поддршка од Европската унија, покажува дека почвата на површина од седум квадратни километри во Велес и околината е загадена со присуство на кадмиум, олово и цинк.
„За што поскоро да имаме ослободување на почвата од тешките метали неопходно е да се спроведе и процес на фиторемедијација. ЕД Вила Зора има проект на кој што работи веќе подолго време. Резултатите се охрабрувачки“, вели др.Ненад Коциќ, претседател на ЕД Вила Зора.
По затворањето на Топилницата, проблемот со згурата беше честа тема за пишување и на новинарите. Дијана Иванова, вели дека тоа е и обврска на секој кој се грижи за здрава животна средина.
„Со престанувањето на работењето на Топилницата индустриското загадување се намали, но загадувањето како последица на Топилницата остана. Моја, но и обврска на сите мои колеги беше заедно со екологистите да потсетуваме на овој проблем. Не дека тој беше заборавен од надлежните министерства туку да ,,потбуцнеме,, за што побрзо да се изнајде решение бидејќи времето си минуваше, а ветрот, оловото , цинкот и другите штетни честички ни ги носеше во градот.“, вели Дијана Иванова, главен и одговорен уредник во регионалната К1 телевизија.
Во десетте жешки еколошки точки, во Република Македонија, оваа беше една од водечките. По десет години или кога јас ќе има 25 овој „црн простор“ верувам дека секоја наредна пролет се повеќе ќе раззеленува.