Инфо-ден за презентација на своите активности и проекти во програмата Еразмус+ на Гимназијата „Кочо Рацин“
Средното Општинско училиште Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес организираше инфо-ден за презентација на своите активности и проекти во програмата Еразмус+.
{besps}stories/ucebna2017_2018/info_den/sliki{/besps}
Настанот се реализираше на 21 февруари (среда) во салата на Општина Велес со почеток од 12 часот. Настанот беше од отворен карактер, а беа поканети Основните и Средните училишта од градот, Градинката Димче Мирчев, Општина Велес, Биро за развој на образование и други институции.
Пред присутните свое обраќање имаше в.д. директорката Мимоза Костоска, која ги поздрави присутните. Професорката Христина Леова во својство на координатор на проектите во програмата Еразмус+ ги презентираше успешно реализираните и тековни проекти на Гимназијата во периодот од 2014 до 2018 година. Ги истакна реализираните мобилности на наставници во повеќе Европски држави преку Клучната акција 1-Мобилност на индивидуи од програмата Еразмус+.
Од 2017 година Гимназијата е координатор на уште еден многу значаен проект newWERD од Клучната акција 2 – Стратешки партнерства за размена на добри практики, во партнерство со уште три училишта од Италија, Португалија и Романија. Според предвидените активности зацртани со проектот ќе се реализираат четири пет- дневни Тренинг обуки во сите училишта од партнерството, со цел зајакнување на профилот на професијата наставник и усвојување на нови методи и алатки од СТЕМ методологијата, како и оспособување на учениците да бидат креативни, мотивирани и да применуваат наука, математика и технологија при решавање на реални проблеми во наставата.
Професорката Мариче Лазаровска ги презентираше производите на проектот Математички лавиринт, кој е Стратешко партнерство за поддршка на иновации помеѓу Гимназијата Кочо Рацин како координатор, Средни училишта од Италија и Бугарија, Математички асоцијации од Кипар и Грција и Универзитетот Гоце Делчев од Штип. Како еден од најважните производи од проектот, Лазаровска ја истакна интерактивната книга Математички лавиринт, која е електронска платформа со над 100 реални математички проблеми. Во својата презентација Лазаровска го промовираше и Прирачникот за користење на методот Математички лавиринт, наменет за наставници и ученици. Прирачникот ја објаснува методологијата применета во интерактивната книга, техники за решавање на математички проблеми, разработени примери од интерактивната книга, придобивки за наставниците и учениците, примена на ИКТ и отворени образовни ресурси, формулари за евалуација и корисни линкови. Проектот е со времетраење од 2 години од ноември 2015 до октомври 2017 година. На присутните им беше доделен Прирачник за користење на методот Математички лавиринт. Сите производи меѓу кои и интерактивната книга и електронската верзија на прирачникот се достапни за широката јавност преку страната на проектот Математички лавиринт http://www.math-labyrinth.eu/
Професорката Леова пред присутните презентираше информации за програмата Еразмус+ и начините на аплицирање преку Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност. Таа истакна дека Гимназијата Кочо Рацин стои на располагање за сите заинтересирани да одговори на сите прашања и ги повика на консултации во просториите на Гимназијата.