Учениците од Дебатниот клуб во нашата Гимназија учествуваа во едукативната активност „ИМАМ СТАВ“ која претставува симулација на процесот на разгледување и усвојување на предлог – закони во Собранието на Р. Македонија. Учениците беа поделени во три работни тела: Комисија за образование, наука и спорт, Комисија за социјална политика, демографија и млади и Комисија за транспорт и врски. Во рамките на овие тела Гимназијалците избраа три комплекси и сериозни општествени проблеми: врсничкото насилство, иселувањето на младите и зголемениот број на сообраќајни несреќи со смртен исход. По едномесечна подготовка, истражување и разгледување на овие социјални теми, тие предложија предлог – законски решенија и мерки за нивно подобрување и надминување и одржаа дидактичка симулација на пленарна седница во Собранието на Р.Македонија каде, во улога на „вистински“ пратеници, расправаа, дебатираа, аргументираа и одлучија во однос на понудените решенија за секоја од трите избрани теми. Активноста имаше и компетитивен карактер и беше оценувана нивната способност за убедлив јавен говор, дебатни способности и аргументациско соочување со спротивни стојалишта. Во оваа насока нашите ученици покажаа одлични познавања на македонската легислатива, напредно ниво на култура на јавен говор и дебата, како и високо развиена свест за значењето на демократијата и општествено – политичката ангажираност и вклученост. Активноста ја фасилитираше и менторираше професорот д-р Бошко Караџов.







