За учениците од Access групата од Велес, месец декември беше исполнет со многу активности, доживувања, споделување на лични искуства, учење, знаење и употреба на англискиот јазик преку реализирани интерактивни работилници, индивидуални и групни активности, одбележување на меѓународни денови, организирање на предновогодишна вечера и неформална дружба преку друштвената игра Таен Дедо Мраз.
За Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 Декември, групата имаше можност да се запознае со г-ѓа Весна Басаров, овластен толкувач на знаковен јазик и долгогодишен работник и предавач на теми поврзани за потребите на лицата со попречености. Преку споделување информации и интерактивна работилница, учениците дознаа повеќе за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост во своето секојдневие. Преку директен разговор и поставување на прашања поврзани со темата, се постигна целта за подигнување на свеста кај учениците за лицата со попреченост, постоењето на навидум „невидливи” проблеми во заедницата и истакнување на вистинските вредности значајни за секој човек, посебно кај младиот човек.
Меѓународниот ден на волонтерството, 5 Декември, беше одбележан со гостување на г-ца Ивана Јордева, младински работник во Младинскиот центар во Велес, која зборуваше за можностите за волонтирање во локалната заедница. Учениците имаа можност да споделат лични волонтерски искуства, но и да научат за нови можности кои ги нуди Младинскиот центар, преку презентација која ја организираа дел од Access учениците, кои пак се волонтери во волонтерскиот клуб на Младинскиот центар во Велес.
Неформално дружење за Access групата од Велес беше организирано со цел одбележување на крајот на календарската година, преку заедничка предновогодишна вечера.
Со учество во друштвената игра Таен Дедо Мраз, учениците и нивните ментори, организираа мала забава и ги прославија претстојните празници.
Access English Microscholarship Програмата е едукативно – образовна програма за изучување на англискиот јазик и американската култура, која се реализира во СОУ „Гимназија Кочо Рацин”- Велес, во соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) Скопје, а е финансиски поддржана од страна на амбасадата на Соединетите Американски Држави.







