Access групата од Велес, овој месец оствари едукативна посета на изложбата “Memento vivere“ – „Изложба на камени споменици” која се одржа во Ликовниот салон во Велес. Постата на изложбата беше во организација на ЛУ Народен музеј – Велес. Изложбата претставува една од највредните музејски збирки преку внимателно одбрани археолошки артефакти, претставени преку фотографија и видео материјал, но и вистински ремек дела на минатото, археолошки предмети, релјефи, архитектонски елементи и камена пластика, најдени на подрачјето на Велес и велешкиот реон, сѐ до Гевгелија.
Автор на изложбата е д-р Анита Василкова Мидоска, кустос, советник – археолог, а самите експонати сведочат за богатото културно – историско значење на Велес и регионот во минатите времиња.
Посетата, покрај можноста за патување низ историјата на македонскиот, велешкиот и вардарскиот регион, овозможи спојување на два света, едниот оној далечниот и мистичен, а другиот, сегашниот, модерен, секојдневен, кој нуди можности за учење, надградување и збогатување со нови знаења преку организирање и остварување посети на токму вакви изложби.
Учениците беа внесени во дел од минатото на својот град, а љубопитноста предизвикана од предавањето овозможи поставување на прашања и побуди голем интерес кај учениците, особено за начинот на комуникација, говор и јазикот кој го користеле цивилизациите кои живееле на ова поднебје.
Access Програмата овозможува учење и преку практична работа и работилници кои се одвиваат надвор од училишните клупи, примена на англискиот јазик во ситуации кои се дел од секојдневниот живот на локално ниво.
Access English Microscholarship Програмата е едукативно-образовна Програма за изучување на англискиот јазик и американската култура, која се реализира во СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, Велес, во соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), Скопје, а е финансиски поддржана од страна на амбасадата на Соединетите Американски Држави.







