ОБУКА ОД ПРОЕКТОТ ЕРАЗМУС+ ВО БРАИЛА – РОМАНИЈА
Во рамките на проектот „Еразмус +“, во периодот од 14 до 18 октомври, во Браила – Романија, во ССУ „Едмонд Николау“ се одржа обука на тема: „Мистеријата лежи во QR кодирањето и декодирањето во образованието. На обуката учествуваа четири земји: Македонија, Романија, Турција и Полска. Од нашето училиште учествуваа ученици од втора година: Јована Јовановска, Теодора Дечева, Никола Трендафилов, Андреј Марков и Филип Чоков, во придружба на менторите: Филимена Костова и Магдалена Сарагинова.
На 14 октомври во претпладневните часови, тимот на земјата-домаќин, Романија, ни посака топло добре дојде со обраќање на директорката на училиштето. Се претставија со пригодна програма, а потоа следеше разгледување на училиштето и активности со QR загатки и квизови. Во попладневните часови учениците во мешани тимови подготвуваа традиционални кулинарски десерти од земјите учеснички, а ние менторите со нетрпение чекавме за нивна дегустација. На крајот од првиот работен ден, проследивме изложба на народни носии од секоја земја. Учениците направија речник со зборови поврзани со делови од носиите. Во продолжение следеа неколку интерактивни игри со QR кодови како: Лов на богатство, Пантомима, Погоди го јазикот, Погоди го традиционалното јадење на државата и други.
На 15 октомври, патувавме преку Дунав со ферибот до областа Тулча во посета на туристичкиот центар Доброѓа. Тука посетивме фарма и уживавме во глетката на најразличните домашни животни и неколкуте куќи со уредени соби во романски, македонски, руски, турски и бугарски стил. Собите ги претставуваа етничките групи кои живеат во областа. Потоа ја посетивме тврдината Аргамум која датира од VI век од наша ера. Од тврдината глетката беше незаборавна на големите езера, Змеица и Головата. Традиционалниот ручек и прославата на роденденот на нашата Јована се одржа во ресторанот во Тулча.
На 16 октомври со туристички водич ги разгледавме историско-културните знаменитости на Браила, стари куќи, театар, цркви, синагоги и прошетка низ старата улица Полона. Бевме и во посета на ботаничката градина и аквариумот во Галати, а на крајот од денот се прошетавме по кејот на Дунав.
На 17 октомври, повторно со туристички водич го посетивме вториот град по големина во Романија, Констанца. Ги разгледавме Микрорезерватот, зоолошката градина и Планетариумот. Направивме прошетка низ стариот центар на Констанца, прошетавме на кејот и уживавме во глетката на Црното Море. Направивме безброј фотографии кои ќе сведочат за прекрасно поминатите мигови.
Петтиот и последен работен ден, 18 октомври, се одвиваше во просториите на училишната зграда. Учениците креираа QR кодови со веќе направените фотографии од патувањата, а потоа направија и изложба на QR кодови. Во театарот Мариа Филоти проследивме прекрасна програма подготвена од домаќините. На крајот од свечената програма се доделија и сертификати на сите претставници од земјите учеснички. Во вечерните часови се забавуваме и се дружевме со караоке-забава. Разделбата на крајот од денот беше најтешка за сите учесници. Поминавме прекрасни денови во стекнување на нови пријателства, работа, дружење, прошетки, забава и споделување на разни животни искуства.
Одговорни професори: Магдалена Сарагинова и Филимена Костова