Почитувани матуранти,
Денес е Вашиот последен наставен ден во Нашата гимназија.
{besps}stories/ucebna2019_2020/obrakanje_dir/sliki{/besps}
Чест ми е, во мое лично име, како директор на Гимназијата и во името на Вашите професори, што се обраќам на една генерација што беше во многу нешта посебна, како што е посебен и овој момент и начинот на кој мораме да се разделиме.
Ќе бевме сите многу посреќни: и Вие, и јас, и Вашите родители, и Вашите професори, ако денес бевме заедно на прослава на Вашата матурска вечер, и ако ова обраќање Ви го упатев лично.
Ова е можеби Вашиот последен час во Гимназијата, но не и во животот, бидејќи не постои крај на образованието, во секоја фаза од животот учиме по нешто.
Образованието оди подалеку од ѕидовите на училницата и лекциите во Вашите учебници, за да ги опфати фактите од животот.
Гимназијата беше само една, но многу важна станица на Вашиот пат во животот и кон успехот. Ние имавме за цел да ја разбудиме кај Вас страста кон пишаниот збор, а ако сме го направиле тоа, никогаш нема да престанете да созревате, бидејќи образованието не е само подготовка за животот, самото образование е живот.
Оној кој ќе престане да учи, старее, без разлика дали има 20 или 80 години. Оној кој постојано учи, останува млад засекогаш.
Сѐ што ќе научите во животот, станува Ваше богатство, богатство што не може да Ви биде одземено, без разлика дали ќе учите во зградата наречена училиште или ќе учите од животниот учител. Учењето нови работи е безвременско задоволство и бесценето богатство.
Најважно од сè е да знаете што сакате во животот, без оглед колку и да изгледаат околностите невозможни за остварување на таа Ваша цел, ако верувате во тоа и одлучите да го постигнете, околностите ќе се сменат за Вие да успеете.
Храбро продолжете го Вашиот животен пат, бидејќи храброста е предуслов за успехот.
Ова се мали совети од нас, професорите, и прифатете ги, бидејќи родителите и професорите Ви се најдобри пријатели: во лице Ви кажуваат што мислат, а позади грбот зборуваат сè најдобро за Вас.
За крај, при изборот на Вашата идна професија водете се од познатата крилатица: „Тајната на успехот во животот не е во тоа да се работи тоа што се сака, туку да се сака тоа што се работи“.
Ви посакувам сè најубаво во животот и на секое поле да ве следи САМО УСПЕХ, НИШТО ПОМАЛКУ!
Директор,
Гоце Алексоски