Гимназијалците го одбележаа Светскиот ден на театарот

Facebook
Telegram
WhatsApp
Email

Гимназијалците го одбележаа Светскиот ден на театарот

27 Март е денот кога низ целиот свет се слави Светскиот ден на театарот. Театарските уметници, поклоници на Талија, од целиот свет, на овој ден се обидуваат да нè потсетат дека театарот е место каде луѓето треба да појдат за да ја почувствуваат неговата магија и да се пронајдат самите во приказните раскажани на „даските што живот значат“.

Во нашата Гимназија секогаш постоеле ученици, вљубеници во актерството и театарот. На нивна иницијатива и со помош на нивниот исклучителен креативен ангажман, оваа година го одбележавме Светскиот ден на театарот. Средбата ја искористивме за да го промовираме нашето училиште пред учениците од деветто одделение од основните училишта од нашиот град.

На почетокот присутните ги поздрави директорот на нашето училиште, господин Зоран Јованов. Тој го искажа своето задоволство од нивното присуство и изрази надеж дека токму Гимназијата ќе биде изборот за нивното идно образование.

Ни претставуваше особена чест и задоволство што наши гости беа Слободанка Чичевска, актер во Велешкиот театар „Ј. Х. К. Џинот“ и Стефан Николовски, студент на Факултетот за Драмски уметности, и двајцата некогашни ученици на нашата Гимназија. Преку инспиративно обраќање, тие кратко се осврнаа на историскиот развој на театарот и на потребата младите луѓе да го сознаат неговото значење како мошне важен сегмент од културата. Исто така упатија порака до присутните ученици од деветто одделение да го изберат гимназиското образование, зашто тоа им дава можност сестрано да се образуваат во повеќе области. Освен тоа, имаат можност да созреат, да ги препознаат своите таленти и интереси што ќе им го олесни изборот на идната професија.

Кон деветтоодделенците се обратија и професорките по Македонски јазик и литература, Соња Карбева и Весна Павлова и професорката по Германски јазик, Жанет Јанев-Сарагиновски. Тие ги запознаа учениците со можностите што им ги нуди гимназиското образование, како и можноста, како ученици на Гимназијата, да ги негуваат и усовршуваат своите знаења, таленти и вештини.

Крајот на одбележувањето на Светскиот ден на театарот го облагородивме со настапот на учениците од нашата Гимназија: Ема Неделкова, Марко Андовски и Гордан Ќимов и Ана Ѓуровска кои работеа под менторство на професорката по Германски јазик, Жанет Јанев-Сарагиновски. Тие ја обединија својата желба да драматизираат краток текст со можност тоа да го направат на германски јазик, еден од странските јазици кои ги изучуваат во Гимназијата.

Учениците Теа Спировска и Виола Стојанова ја преземаа улогата на водители на настанот кој се реализираше под раководство на професорките по македонски јазик и литература: Весна Павлова и Соња Карбева.

 

Оставете коментар :

Мисија и Визија

Атрактивно, отворено, престижно училиште, предводник на современите образовни процеси, училиште кое на креативен начин ги поврзува стремежите на младите со науката, културата и спортот

Слични објави

Следете не:

Otvoren_den