Oдбележување на Денот на училиштето

Facebook
Telegram
WhatsApp
Email

Одбележување на Денот на училиштето

Одбележувањето на Денот на училиштето оваа година, покрај на нашиот патрон, Рацин, му го посветивме и на Блаже Конески, зашто оваа година се чествуваат сто години од неговото раѓање.

Почитувајќи го ликот и делото на нашиот патрон, активностите за одбележување на Денот на училиштето ги отпочнавме уште во текот на месец ноември, со низа активности од повеќе области: спорт, природни и општествени науки, информатика и математика.

Пред почетокот на уметничкиот дел од програмата на завршната манифестација, која се одржа на 22 декември во Ликовниот салон, присутните гости ги поздрави директорот на училиштето, господин Гоце Алексоски. Тој нагласи дека Гимназијата продолжува да ја следи треадицијата на успешна образовна институција, која и во вонредни услови на пандемија, организира непречен наставен и воспитен процес. Воедно, на присутните им упати и благодарност што ни укажаа чест со своето присуство на овој свечен чин.

Како и секоја година, така и оваа, распишавме литературен и ликовен конкурс за учениците од деветто одделение од основните училишта во градот и околните места и учениците од средните училишта. Оваа година младите творци создаваа на тема: „Проста и строга македонска песна“. Учениците можеа да творат на мајчин јазик и на странските јазици што ги изучуваат. На конкурсот пристигнаа успешни литературни и ликовни творби. Жири-комисиите ги наградија најуспешните творби.

Во категоријата творби на мајчин, македонски јазик, од основните училишта со прва награда награден е Јован Тикваров, ученик во деветто одделение при ООУ „Панко Брашнаров“, ментор: Горан Грков.

Во категоријата творби на мајчин, македонски јазик, на учениците од средните училишта, жири-комисијата ги додели следните награди:

Со трета награда се наградени ученичките: Кристина Купенкова I-2 клас, ССОУ „Димитрија Чуповски“, ментор: Елеонора Игновска и Љиљана Мишева од III-3 клас, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Цветанка Карамаркова.

Доделивме две втори награди на ученичките: Тамара Илијевска од III-4 клас, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Весна Павлова и Стефанија Јакимовска III-5 клас, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Магдалена Сарагинова.

Првата награда му припадна на ученикот Никола Трендафилов IV-4 клас, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Александра Стојановска.

На литературниот конкурс пристигнаа и творби на мајчин албански јазик. Наградените творби се од учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“. Сите ученици работеа под менторство на професорката Линдита Маликова. Награди добија следните ученици:

Трета награда освоија ученичките: Анеса Зејнелова и Нафије Таировска, ученички од II-6 клас. Втора награда добија Мерва Садикова и Сумие Имерова исто така од II-6 клас. Со прва награда наградена е ученичката Мукадес Бакиовска од IV-6 клас.

Третата награда за творба на англиски јазик и припадна на ученичката Тамара Илијевска од III-4 клас, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Соња Трајчева. Втората награда им е доделена на ученичките: Марија Андреева од III-1 клас и Анѓела Драган од III-2 клас, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Соња Трајчева. Првата награда ја освои ученикот Никола Трендафилов од IV-4 клас при СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Филимена Костова.

Третата награда за творби на француски јазик и е доделена на Ангела Саздова од II-5 клас. Втората награда му припадна на Никола Трендафилов од IV-4 клас, а со прва награда е наградена Анѓела Драган од III-2 клас. Наградените творби се од учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“. Сите ученици работеа под менторство на професорката Билјана Миланова.

Првата награда за творби на германски јазик и припадна на Ема Неделкова од I-3 клас при СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Жанет Јанев-Сарагиновски.

Првата награда за творби на руски јазик и припадна на Тамара Илијевска од III-4 клас од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ментор: Панче Ташковски.

Завршната манифестација за одбележување на Денот на училиштето вообичаено беше резервирана за театарска претстава. Оваа година поради состојбата со пандемијата на Covid 19, празнувањето го реализиравме во поскромни рамки со цел да се прилагодиме кон мерките и протоколите за заштита од истиот. Оваа година гостите имаа можност да ја проследат изведбата на поетскиот перформанс „Безвременскиот Рацин“. Идејата, подготовките и реализацијата на истиот се одвиваа под менторство на професорките по Македонски јазик и литература: Соња Карбева, Весна Павлова и Цветанка Карамаркова. Тема на перформансот се размислувањата и заложбите на Рацин во поглед на иднината, самостојноста и современоста на својот мајчин јазик. Во улога на наратори настапија: Стефанија Јакимовска и Виола Стојанова. Улогата на Невенка Вујиќ ја толкуваше Сара Андреева, а во улогата на Рацин настапи Даниел Караманов.

Уметничкиот дел од програмата беше збогатен со химната на нашата Гимназија, компонирана на текстот на Рациновата песна „Копачитe“, во изведба на хорот кој работи под диригентската палка на професорот Атанас Зафиров. Под негово менторство работеа и солистите кои настапија со музички композиции: Филип Настов и Елена Шопова со композицијата „Немир“ од Тоше Проески. Симона Саздовска настапи со композицијата „Боже чувај ја од зло“, исто така од Тоше Проески.

Со композицијата „Ти си тој“, од Тања Кочовска, настапи Бојана Велковска, а Симона Стојанова ја интерпретираше композицијата „Ако згрешам нека изгорам“, од Пепи Бафтировски.

Просторот на ликовната галерија беше вистинско место во кое гостите имаа можност да го погледнат изборот на ликовни остварувања на нашите млади уметници. По повод Денот на училиштето, професорот по ликовна уметност, Кристијан Тодоров, направи избор од најуспешните ученички трудови на учениците од прва до четврта година и подготви изложба на истите.

Секако дека овие убави и амбициозни уметнички проекти не би биле реализирани без несебичното ангажирање на учениците кои беа вклучени во изработката на постерот, фотографиите, дипломите за наградените ученици и целокупната техничка поддршка на настанот.

Им се заблагодаруваме на учениците: Стефан Стојановски и Драгана Богдановска од IV-3 клас и Борис Павлов од I-4 клас. Програмата ја водеа учениците: Деспина Миланова од III-2 клас и Димитар Коцев од I-2 клас.

Оставете коментар :

Мисија и Визија

Атрактивно, отворено, престижно училиште, предводник на современите образовни процеси, училиште кое на креативен начин ги поврзува стремежите на младите со науката, културата и спортот

Слични објави

Следете не:

Otvoren_den